Производителите на гуми предупредуваат на недостиг и високи цени, пишува Agrarheute. Што можат да очекуваат земјоделците? Дали тракторите, комбајните, прскалките и другата земјоделска механизација ќе останат без гуми?
Уште од почетокот на пандемијата, овој пазар покажува аномалии и забавен проток на стоки. Санкциите против Русија, предизвикаа дополнителен недостиг на суровини за производство на гуми. Високите цени на бензинот доведоа до повисоки цени на суровините.
„Недостигот на гуми има неколку причини. Синџирите на снабдување се нарушени, што влијае на транспортот на гуми до крајните продавачи и купувачи“, рече Хенрик Шмуде, продавач на гуми на големо.
Загриженоста на производителите
„Поради кризата, Мишелин уште во март се соочи со големи логистички и транспортни проблеми при снабдувањето на своите погони и нивното доставување до клиентите“, вели Мајра Цулер од Мишелин.
Оваа компанија морала да реагира и да се прилагоди на ситуацијата. Во некои европски погони производството беше прекинато на неколку дена, но повторно се стабилизираше.
Слични проблеми има и производителот на гуми Конти, кој ја намали прогнозата за тековната година.
Долгорочните предвидувања одат во насока во која користените гуми ќе станат многу барани. Производителите веќе почнаа да прават залихи и да ги мелат во гумен прав, кој ќе го насочат назад во производство.
