Поради конфликтот во Украина и тешките можности за транспорт на јаболка во Русија, производителите на јаболка во Србија почнаа да бараат нови пазари за огромните залихи кои се уште не се распродадени.
Претставникот на земјоделската задруга „Овоштар“ од Сланкамен, Никола Котарац изјавил дека почнале да бараат нови пазари, наместо рускиот, до кој е отежнат транспортот, па два шлепери со 40.000 килограми јаболка деновиве ќе бидат испорачани во Индија.
-Имаме уште 2.500 тони јаболка во ладилниците, каде што може да се чуваат до јуни, а потоа почнуваат да го губат добриот квалитет. Тоа количество сочинува 70 отсто од родот и најголемиот дел требаше да се извезе во Русија – рече Котарац.
Додаде дека претставниците на „Овоштар“ следниот месец ќе отпатуваат на саемот во Берлин со цел да најдат нови купувачи за јаболка и поблиски пазари, бидејќи Индија е доста далеку, а транспортот е скап.
Котарац рече дека проблем со извозот во Русија не е само долгиот транспорт, туку и падот на вредноста на рубљата, што ја намалува цената на јаболката.
Јаболкото се извезува по цена од околу 40 динари, што значително ја намали заработката, бидејќи пред две години се продаваше по цена од 70-80 динари за килограм.
Србија минатата година реализирала девизен прилив од околу 90 милиони американски долари од извоз на јаболка во Русија.
Зоран Кесеровиќ, професор на Земјоделскиот факултет во Нови Сад, вели дека и без украинската криза оваа година очекувал проблеми со пласирањето на јаболката на странските пазари бидејќи во Русија на Кавказ се подигнуваат интензивни насади со тоа овошје, а големи непродадените залихи останале и во Европа.
- Трошоците за производство на јаболка во Србија се високи и не можат да се мерат со трошоците за енергија и работна сила во Кавказ – рече Кесеровиќ.
Тој оцени дека Србија мора да ги зголеми субвенциите за производство на овошје, вклучително и јаболка, доколку сака да го зачува и да биде конкурентна со производството во другите земји.
Минатата година од 180.000 тони извезени јаболка, Србија пласирала околу 120.000 тони на рускиот пазар, рече Кесеровиќ.
Според него, Полска ќе искористи огромни количини на јаболка за преработка бидејќи има капацитети, а засега е неизвесно како и дали Србија ќе најде начин да го искористи целиот минатогодишен род од тоа овошје.
