Приносот на пченка во зрно е ревидиран на три проценти под петгодишниот просек според септемврискиот билтен JRC MARS – Мониторинг на културите во Европа. Зголемена е прогнозата за приносите на шеќерна репка и компир.
Ограничувачки фактори на производство
Надолната ревизија за пченка во зрно главно се должи на влошените услови за летните посеви во Романија, Бугарија и Грција. Трајната суша во овој регион има негативно влијание врз формирањето на приносите на разни култури. Топлотниот бран се поклопи со фазата на формирање на зрната, што значително влијае на пченката и сончогледот, особено во областа долж реката Дунав. Понискиот принос на сончоглед во овие земји беше надополнет со добрите резултати во Унгарија и Франција.
Сушниот период продолжи во средината на септември, особено во јужна Италија, делови од Унгарија, Словачка, Чешка, јужна Полска, подрачјето на Балканот, голем дел од Турција, Украина и југот на Русија.
Поплави во Словенија и Грција
По поплавите во Словенија, кои се последица на максимални врнежи од дожд и над 100 мм во некои области, почвата остана презаситена со вода, што доведе до штети во ова производство.
Во Тесалија, Грција, поплавите предизвикаа целосна загуба на родот, што сочинува 22 отсто од националното производство на пченка.

Обилните врнежи влијаеа на делови од централна и северна Европа. Последица на тоа е голема појава на растителни болести, што влијаеше на квантитетот на зрната жито кои не беа навреме собрани. Во неколку региони доцнеше сеидбата на зимската маслодајна репка.
Пасишта и сточна храна
Во многу делови од северна и централна Европа, честите дождови и малку натпросечните температури ги погодија пасиштата кои целосно закрепнаа од дефицитот на врнежи пред средината на јули. Подрачјата од јужна и источна Европа беа изложени на топлина и суша, што ја попречи акумулацијата на биомаса, особено во Романија, Бугарија, северна Италија и југоисточна Франција. Неодамнешните екстремни врнежи во Источна Европа може да имаат дополнителни негативни влијанија врз продуктивноста на пасиштата, се вели во извештајот.
Извор: agroklub.rs
