Земјоделците во битолскиот дел на Пелагонија продолжуваат со есенска сеидба, во овој период вршат расчистување на испразнетите градинарски површини од растителни отпадоци, како и рационална работа на овоштарниците.
Ноември е типичен есенски месец, денот брзо се намалува, а со тоа и сончевите периоди, со што се намалуваат и вредностите на надворешната температура и доаѓа до појава на карактеристичните временски феномени магла, мраз, температурни инверзии и затоа потребно е максимално користење на поволните временски услови, велат земјоделците од битолскиот дел на Пелагонија.
-Деновиве ги чистиме испразнетите градинарски површини од растителните отпадоци, а потоа се врши ѓубрење со комбинирано ѓубриво и длабоко орање. При последната обработка на почвата препорачливо е да се истретира со регистриран почвен инсектицид против нематоди и други штетни инсекти и со хербицид против плевели – посочуваат агро-експерти од Битола.
Рационално користење на времето се врши и во овоштарството каде што продолжува извршувањето на агротехничките мерки што се од суштинско значење за здравствената состојба на растенијата.
-Ако не е завршена бербата на некои сорти на јаболка, круши и дуњи, со садење на нови овошни дрвја, со прскање на јаболчестото овошје со уреа, со есенската обработка на почвата и друго, тогаш ова е вистинско време да се заврши со тоа. Откако ќе паднат лисјата, препорачливо е да се заораат за да се уништат заразните форми кои би презимиле под листовите – нагласуваат искусни земјоделци.
На почетокот на месецов во Пелагониско почна сеидбата на доматите и краставиците за зимското, оранжериско производство, а до крајот на ноември во поледелството ќе заврши основното ѓубрење и подготовка на почвата која длабоко се заорува, за сеење на пролетните култури.
МИА
