Кина собрала повеќе од половина од светските залихи на пченка и други житни култури и се очекува да продолжи да ги проширува своите резерви на храна, покажуваат статистиките.
Во првата половина на 2022 година, Кина ќе има 69 отсто од светските резерви на пченка, 60 отсто од ориз и 51 отсто од пченица, проценува американското Министерство за земјоделство.
Оваа проекција укажува на пораст од околу 20 процентни поени во последните 10 години.
Податоците на кинеската генерална царинска управа покажуваат дека таа земја во 2020 година потрошила 98,1 милијарди долари за увоз на храна (без пијалаци), што е 4,6 пати повеќе од пред една деценија.
Во првите девет месеци од оваа година Кина увезла најмногу храна од 2016 година.
Во текот на изминатите пет години, кинескиот увоз на соја, пченка и пченица се зголемил повеќекратно, а повеќето биле увезени од САД, Бразил и други земји кои се главни извозници. Увозот на говедско и свинско месо, млеко и овошје е зголемен меѓу два и пет пати во истиот период. Експертите наведуваат дека Кина увезува сѐ повеќе житарки и друга храна затоа што домашното производство не може да го одржи чекорот со потрошувачката.
Залихите на храна на историско високо ниво
Шефот на кинеските резерви на житарки во Националната администрација за стратешки резерви на храна, Кин Јуџун, неодамна изјави дека Кина ги одржува резервите на храна на „историски високо ниво“.
„Нашите залихи на пченица можат да ги задоволат потребите за година и пол. Нема никакви проблеми со снабдувањето со храна“, рече тој.
