Модриот патлиџан често се употребува, особено во овој период од годината. Пржен, печен, варен, како дел од кремасти салати или од зимници, него сите го сакаат.
Овој зеленчук кој важи за еден од најздравите плодови, потекнува од Индија. Уште многу одамна модриот патлиџан почнал да се одгледува во Азија, а потоа неговото семе било донесено и во Европа, каде што до ден-денес се одгледува. Постојат неколку сорти модар патлиџан, а истражувањата потврдиле дека најлековита сорта е токму онаа што се одгледува во нашите краишта.
Сортите на модри патлиџани имаат плодови со просечна тежина од 100 грама, па сѐ до еден килограм.
Во свежиот модар патлиџан има малку калории. Во 100 грама модар патлиџан има само 24 калории, што го прави одлична храна за сите што се на диета.
Во неговиот состав се содржани поголеми количества растителни влакна, особено целулоза, која е добра за варењето, како и витамините Б1, К, Ц, А и фолна киселина.
Модриот патлиџан е богат и со протеини, така што може да се користи и како замена за месо.
Го забавува развојот на клетките на ракот и го штити срцето
Најважното својство што го поседува модриот патлиџан е моќта да го заштити организмот од слободните радикали. Неговата кора содржи антиоксидант насунин, кој ги штити клетките од уништување и ги елиминира слободните радикали. Овој важен антиоксидант влијае врз исфрлањето на вишокот железо од телото и спречува појава на кардиоваскуларни болести.
Според резултатите добиени во една студија објавена во списанието „Journal of Agricultural and Food Chemistry“, токму насунинот ефикасно го спречува процесот на ангиогенеза (развој на нови крвни садови од постојните) и со тоа помага да се потисне ширењето на туморските клетки.
Според податоци добиени од истражување направено од Министерството за земјоделство во САД, хлорогената киселина во составот на модриот патлиџан помага во борбата против слободните радикали, кои пак се главна причина за појава на рак.
Помага при варењето на храната
Поради горчливиот вкус, модриот патлиџан има корисен ефект врз олеснување на грчевите во стомакот и слични проблеми со варењето.