Во минатото, волната од овците се користела за многу намени, а денес овој нуспроизвод е најчесто непријатност во одгледувањето на овци. Иако за овој материјал се знае дека е одличен изолатор во градежништвото, за жал откупот не заживеа, па одгледувачите на овци обично ја фрлаат или ја палат волната. Но, таа може многу добро да се користи во одгледувањето зеленчук.
Кон крајот на пролетта, кога почвата е веќе доволно загреана, пожелно е да се покрие со заштитен слој од т.н. прекривка. Овој метод се користи многу одамна, и ако сакаме да ја одржуваме својата градина според принципите на органското земјоделство, така што ќе ја зачуваме почвата и животот во неа, треба почвата да ја покриеме со некоја органска покривка (слама, пилевина, сецкана кора, сено, суви лисја или волна). Тоа е најдобриот начин за зголемување и зачувување на нејзината плодност, но и зачувување на влагата и спречување на растот на плевелите.

Најважно е што оваа органска покривка се компостира со текот на времето, со што се подобрува квалитетот на почвата и се поттикнува растот на растенијата. Пред да ја поставите покривката, почвата треба добро да се исчисти од плевелите затоа што во спротивно ќе продолжат да растат и да се пробиваат низ неа.
Обезбедува поволна структура на почвата
Искусните градинари истакнуваат неколку придобивки од користењето на волна во градинарството. Добро ги покрива леите и ефикасно го спречува растот на плевелите. Волната го намалува испарувањето и ја намалува потребата за наводнување, а покрај тоа, обезбедува поволна структура на почвата и го спречува формирањето на кора.
Бидејќи е добар изолатор, ги намалува температурните осцилации во површинскиот слој на почвата и обезбедува поповолна температура за раст на растенијата. Со распаѓањето ослободува хранливи материи.
Резултатите од истражувањето спроведено во Америка во производството на зеленчук во леи, каде волната се става како слој со дебелина од 10 до 15 см, покажаа значително повисоки приноси на модар патлиџан дури и до четири пати. Исто така, покриените растенија беа значително посјајни и со потемни лисја што укажува на зголеменото снабдување со азот. Забележано е и дека, оштетувањето предизвикано од животинскиот свет го има само во леите кои не биле покриени.
Покрај тоа, во ваквите градини има помалку проблеми со полжави, што е особено важно при одгледување зелена салата и зелка.

Неиспраната волна е најдобра покривка
Наједноставниот и најевтиниот начин за употреба на волната од овците во градинарството, е таа да се користи во оригинална форма, без перење и преработка, и тоа во непосредна близина на местото на стрижење на овците.
„Јас не користам никакви пестициди или вештачки ѓубрива. Јас користам само компост, а за прекривка користам волна од овци, што ја добивам од нашите локални овчари. Благодарение на тоа, немам проблеми со болести и имав домати до ноември, за разлика од некои земјоделци кои едвај успеаа да ги имаат и во август “, вели Katrin Tsanev, и додава дека таа го користи овој метод не само во производство на домати, туку и за пиперки, зелка, зелена салата, грав, тиквички, краставици и јагоди.
Извор:Агроклуб
