Според оценката на раководителите на деловните субјекти, индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во ноември во однос на октомври годинава е намален за 0,1 процентeн поен и изнесува 14.3, а во однос на ноември лани е намален за 0.2 процентни поени. Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во ноември во однос на октомври годинава е понеповолна, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се непроменети во однос на претходниот месец, а залихите на готовите производи се намалени. Оценката за економската состојба на деловните субјекти во ноември е поповолна во однос на претходниот месец, а понеповолна во однос на ноември минатата година. Се очекува бројот на вработените да се зголеми.
Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во ноември годинава изнесува 67,3 проценти од нормалното искористување. Најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на производството имаат следните фактори: недостигот на квалификувана работна сила со 21,2 проценти недоволната странска побарувачка со 16,3 проценти, неизвесното економско опкружување со 16,1 проценти и недоволната домашна побарувачка со 12 проценти.
