Внимателната подготовка на сите сегменти од рибникот за крап е од голема важност од производен и здравствен аспект на сосотојбата.

Подготовката почнува со одмор на рибникот во текот на зимото, а продолжува со дезинфекција и мелиорациски мерки: употреба на вар, ѓубрење со органско и минерално ѓубрива, косење, орање и чистење на милта од изловната јама и другите делови од рибникот. Целта на овие мерки е да се создадат што подобри услови за одгледување на крапот (развој на природна храна и спречување на болести).
Подготовката на рибникот почнува со пресушување, по што рибникот се остава да се “одмори“ неколку месеци. На тој начин земјата се обновува, а патогените бактерии и паразити се уништуваат. Трската и другата вегетација која расте на рибникот се коси, а онаа долж насипот се спалува.
По одреден период на мирување, рибниците се третираат со вар во функција на дезинфекција, подобрување на квалитетот на земјиштето и стабилна хемиска реакција на водата. Со третирање на вар во рибникот се постигнуваат повеќекратни мелиорациски ефекти:
– се регулира pH на земјиштето
– се обезбедува калциум во земјата и водата
– се забрзува разградувањето и минерализацијата на органските материи, посебно целулозата
– се потпомага трансформацијата на органските состојки во раствор
– се постигнува дезифекција на рибникот – варта ја користат и полжавите, школките и раковите
Негасената вар е најреактивниот облик во контакт со водата и станува агресивна база Ca(OH)2, при што се ослoбодува топлина. Потребите за вар се одредуваат врз основа на pH вредностите на земјиштето. Во рибници со длабок слој на мил се користи во количини од 500-750 кг/ха, а во рибници со мал слој на мил во количини од 200-300 кг/ха.
Гасената вар има слично дејство како и негасената, само што се додава во количини за 1,5 пати поголеми во однос на негасената.
По додавањето на варта се врши ѓубрење на рибникот, кое се врши со органски или минерални ѓубрива. Најмногу се користи ѓубре од кокошки, свињи и говеда.
Се спроведува основно и дополнително ѓубрење. Целта на ѓубрење на рибникот е иста како и при прихрана на земјата, да се вратат хранливите состојки кои се потрошени од растенијата. Крајниот ефект од прихрана на растенијата се одвива постепено.
Микроорганизмите ги разградуваат органските супстанци во биогени елементи. Новонастанатите биогени супстанци во процесот на асимилација ги користат едноклеточните алги за изградба на нивните тела. Едноклеточните алги се храна за зооланктонски организми, а овие пак служат како храна за рибите.
Потребните количини на шталско ѓубре се движат околу 1000 кг/ха. Истовремено со органското (шталско) ѓубре се додава и минерално ѓубриво. Азотот се додава во облик на уреа, амониум сулфат или амониум нитрат во количини од 100-150 кг/ха, а фосфорот во облик на суперфосфат во количини од 100 кг/ха. Дополнителните ѓубрења се вршат секои 15 дена во текот на одгледувачката сезона и овде може да се користат “суви“ ѓубрива и “течни“ ѓубрива кои се лесно растворливи и чиј ефект е побрз и подобар.
За дополнително ѓубрење се користат органски ѓубриња во количини од 100-200 кг/ха и минерални ѓубриња 20-30 кг/ха.
Ако во рибникот се додадат преголеми количини на органско ѓубре, процесите на разградување може да тргнат во анаеробен правец. Со анаеробно разградување се добива метан, етан, амоњак и сулфурни соединенија кои како негативен резултат може да предизвикаат угинување на рибите.
Ѓоко Данаилов
АПРЗ Неготино
