Почна санацијата на столбот на мостотот на реката Брегалница кај селото Долни Балван, којшто попушти под налетот на водата во декември, минатата година. Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски и градоначалникот на општина Карбинци, Виктор Паунов присуствуваа на стартот на санацијата, каде што градежните машини го подготвуваат теренот, за да се пристигне до попуштениот столб. Инвестицијата е вo висина од 10 милиони денари, од коишто 5,8 милиони денари се од Министерството за локална самоуправа, а останатите од буџетот на општина Карбинци.
-Она што ќе се работи е реконструкција на она што се случи пред десетина месеци, односно на паднатиот столб од тогашното невреме. Се надевам дека ќе биде реконструиран без посебни потешкотии до крајот на ноември или почетокот на месец декември, вели Паунов.

Посочи дека нема да се реконструира целиот мост, туку само делот каде што столбот е попуштен.
Министерот Милевски истакна дека жали што само 55 проценти од средствата ги обезбедуваат тие, а остатокот е од малата рурална Општина Карбинци.
-Ова навистина претставува голем проблем за жителите на Општина Карбинци. Гледате дека мостот иако не е безбеден и официјално е забранет за сообраќај, сепак се користи од страна на жителите, бидејќи е најблиската точка до Штип и до сите правци коишто ја поврзуваат Општина Карбинци со остатокот да речам од светот и од државата, вели Милевски.
Годинава во Програмата за диспаритети на Министерството за локална самоуправа имале буџет од 1,5 милиони евра и со овие средства се потпомогнати и големи и мали општини.

Прашан колку економската криза влијаеше врз реализацијата на проектите за општините, кои се финансирани од страна на Министерството за локална самоуправа, Милевски со одговор дека се што е предвидено се имплементира. Најави дека неделава ќе се донесе и одлука за донацијата од Швајцарската амбасада за осумте плански региони во висина од шест милиони швајцарски франци.
-Во завршна фаза сме, во некои региони ги дефинираме проектите. Комисијата која работеше на оценување на проектите веќе ги дефинира проектите и оваа недела, конкретно ќе објавиме кои плански региони имаат позитивно прифатени проекти, а кои региони ќе ги одбиеме заради неквалитетни проекти, рече Милевски, пренесува МИА.
Но, Милевски истакна дека оние региони кои во прв момент нема да добијат средства од швајцарската донација ќе можат да се корегираат и ќе се повтори постапката со нудење на квалитетни проекти кои имаат регионално значење.

