Врнежите што ја зафатија земјава во изминативе денови носат позитивни вести за земјоделците. Според агрометеоролозите, дождот значително ја подобрува влагата во почвата и создава поволни услови за тековната сеидба на есенските култури.
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) нагласуваат дека периодот што следи е клучен за успешен аграрeн почеток на сезоната. „Потребно е да се запазат сите оптимални услови – избор на соодветна сорта, употреба на квалитетно семе, добра обработка на почвата, доволна влажност и навремена прихрана. Само така се обезбедува стабилна сеидба и повисоки приноси“, посочуваат агрометеоролозите.
Тие потсетуваат дека во тек е садењето на одделни градинарски култури, како и прибирањето на преостанатите производи од летната сезона. Истовремено, препорачуваат земјоделците да продолжат со редовните агротехнички мерки, да ја одржуваат почвата со хранливи материи и да користат сертифициран семенски материјал со добри сортни карактеристики.
Во наредните денови, според прогнозите, ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Од УХМР апелираат на внимателност при зацврстување на пластениците и расчистување на одводните канали, за да се избегнат штети од површински води.
УХМР
