Идеален рецепт за брза подготовка, пилешкото изгледа обично, но во комбинација со сос од печурки е сочно и многу вкусно.
Состојки:
- 4 пилешки шницли
- 500 грама печурки
- 1 главица кромид
- 1/2 пакување путер
- 1 пакување павлака за готвење
- 1 кафена лажичка сенф
- прстофат сол
- прстофат бибер
- прстофат кари во прав
- магдонос
Подготовка:
Исчукајте ги пилешките шницли додека не станат тенки, а потоа зачинете ги со сол, бибер и кари во прав. Оставете ги да отстојат околу 10 минути. Загрејте тава и додадете ја половината од путерот. Штом путерот се растопи и загрее, додадете го пилешкото и пржете го додека не добие златно-кафеава боја. Кога пилешкото ќе биде готово, извадете го од тавата и оставете го настрана.
Во истата тава во која го пржевте пилешкото, додадете го ситно исецканиот кромид. Кратко пропржете го кромидот, а потоа додадете ги исецканите печурки. Додадете малку вода, поклопете ја тавата и оставете да се динста на тивок оган околу 15 минути.
Откако ќе испари течноста од печурките, додадете ја павлаката за готвење и една кафена лажичка сенф, па зачинете по вкус. Кога печурките ќе бидат готови, вратете го претходно подготвеното пилешко во тавата. Измешајте сè заедно и јадењето е подготвено за послужување. Декорирајте со сецкан магдонос.
МИА
