Сите очи се вперени во „европската житница“ бидејќи голем дел од глобалното снабдување со храна зависи од моменталната ситуација во Украина. На глобално ниво, пченицата и пченката сочинуваат 30 проценти од вообичаената храна и калории што ги добиваме од неа. Украина извезува околу 10 отсто од вкупната пченица и околу 16 отсто од светската пченка.
Нејзини главни купувачи се Египет, Јемен, Израел, Индонезија, Бангладеш, Етиопија, Либија, Либан, Тунис, Мароко, Пакистан, Саудиска Арабија и Турција. Дури и за земјите кои не се на оваа листа, нарушувањето на производството и извозот секако ќе се почувствува.
Имено, во моментов е стопиран извозот на житарки од таа земја, што значи дека светот, доколку војната продолжи, според apk-inform, ќе се соочи со недостиг од 6 милиони тони украинска пченица и 15 милиони тони пченка. Бидејќи извозот од Русија е исто така запрен, од Русија нема да бидат испорачани околу 8 милиони тони жито.
Сеидбата под прашалник поради горивото
Во Украина со сите сили се трудат да ја извршат пролетната сеидба, но ќе можат да ја изведат само на 50 отсто од планираните површини. На 30 проценти нема да можат ништо да посеат додека другите 20 се под знак прашање. Сепак, тоа ќе им биде повеќе од доволно за домашна потрошувачка.
„Тоа е двапати повеќе отколку што ни треба, бидејќи ако зборуваме за пролетни култури, 25 проценти од површината ќе бидат доволни. Така ќе имаме дури и извозен потенцијал“, изјавил заменик-министерот за земјоделство на Украина, Тарас Висоцки.
Дури и вештачките ѓубрива треба да бидат доволни, а се обезбедени за 80 отсто од фармите. Слично е и со семето, домашно и увозно, кое ќе овозможи сеидба на 70 отсто од површината. Проблемите со кои наидуваат се од логистичка природа бидејќи семето треба да се достави до фармите. Висоцки тврди дека сегашните количини се доволни за првите денови на сеидба.
Кога станува збор за пестицидите, состојбата не е добра бидејќи само 50 отсто од земјоделците ги имаат потребните количини. Заменик министерот ја смирува ситуацијата со тоа што не е критично ако се користат подоцна и дека земјата ќе има просечен принос и ако земјоделците не користат средства за заштита на културите.
Но имаат дефицит на гориво. Планот е количествата да се пренасочат за земјоделците кога ќе почне сеидбата.
„Ќе имаме само 5-6 недели за сеење, ако не успееме, ќе ја изгубиме годината“, рекол заменик министерот.
