Општина Неготино покрена иницијатива за спас на браната Липа, којашто има оштетувања, информираше денеска неготинскиот градоначалник Горан Стојанов.
-Како градоначалник, во соработка со стручните служби при локалната самоуправа, покренавме иницијатива за спас на браната, на која се регистрирани сериозни оштетувања. За таа цел, деновиве се одржа координативен состанок. На тој состанок беа утврдени насоките за дејствување, а присуствуваа претставници на изведувачот на работите Стентон градба, на надзорниот орган ДООЕЛ Столб од Битола и двајца еминентни професори од Градежниот факултет во Скопје, Милорад Јовановски и Предраг Миливојевиќ, соопшти Стојанов.
На состанокот било договорено, комплетната документација за браната да се достави до Градежниот факултет, за да може да се изготви решение за санирање на оштетувањата и повторно ставање на браната во функција.
-Тоа е од интерес на земјоделците кои користат вода за наводнување на земјоделските површини во тој реон, станува збор и за потенцијал за развој на руралниот туризам, нагласи Стојанов за МИА.
