Климатските промени и екстремните временски услови веќе ја оштетуваат светската економија и милиони ќе станат сиромашни, а цените на храната растат и трговијата и пазарот на труд се нарушени, предупредуваат експертите за клима на ОН.
Ваквиот заклучок произлегува од извештајот на Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC) кој заклучува дека останува само „тесен“ простор за акција, кој се стеснува сѐ повеќе и повеќе за да се обезбеди „поднослива и одржлива иднина за сите“.
Во извештајот се вели дека климатските промени влијаат на светот побрзо отколку што очекуваа научниците, додека земјите не успеаја да ги ограничат емисиите на јаглерод што поттикнаа зголемување на просечната глобална температура.
„Економската штета од климатските промени е откриена во секторите изложени на климатски промени, додека има регионални ефекти врз земјоделството, шумарството, рибарството, енергијата и туризмот, како и врз продуктивноста на отворено“, се вели во извештајот.
„Промени во земјоделската продуктивност, влијанија врз здравјето на луѓето и безбедноста на храната, уништување на домови и инфраструктура и губење на имот и приход, со негативни ефекти врз родовата и социјалната еднаквост“, се некои од влијанијата на климатските промени.
Влијанијата не се квантифицирани и се посочува дека има големи разлики во проценките поради примената на различни методологии, но се наведува дека несразмерно ќе бидат погодени посиромашните земји.
„Според проекциите, постојат значителни регионални варијации во вкупната економска штета од климатските промени, додека штетата е често пропорционално поголема за земјите во развој“, се заклучува.
Според сценариото „висока ранливост и големо затоплување“, панелот проценува дека до 2050 година дополнителни 183 милиони луѓе ќе бидат недоволно исхранети во земјите со ниски приходи поради климатските промени. Извештајот доаѓа во услови на пораст на цените на енергијата. Извештајот на IPCC се фокусира на инфлаторните ризици од неактивност, тврдејќи дека затоплувањето влијае на пониската продуктивност на земјоделскиот сектор и може да влијае на земјоделците да се префрлат на други сектори.
„Ова би имало негативни последици како што се намалување на производството на храна и повисоки цени на храната“, се вели, додавајќи дека тоа за возврат ќе доведе до зголемена сиромаштија, економска нееднаквост и присилна миграција во градовите.
