На денешната средба со лозарите во кавадаречката винарија, раководството на Тиквеш ги објави откупните цени на грозјето од годинашниот род за најзастапените сорти вранец 16 денари за килограм и смедеревка 12 денари за килограм. На ова веднаш реагираа од Здружението Напредни лозари од Кавадарци каде според нив денешните објавени цени од страна на винарската визба “Тиквеш” претставуваат понижување кон трудот и маката на лозарите.
– Не сме задоволни од овие цени, ова за производителите на грозје се ниски цени, во услови кога сите репроматеријали се поскапени. Значи за еден литар гориво треба да се даде 10 кг грозје, каде е тука логиката или кило грозје е поевтино од шише литар вода. Каде е нашиот труд, нашата пот, препарати, ѓубрива, вели претседателот на Здружението, Трајче Кулев.
Тој посочува дека лозарите се ставени во тесно бидејќи во визбата се повикуваат поединечно лозари и се договараат цени без консултација со нив.
-Каде сме тука Здружението, каде се преговарачите, зошто лозарите се оставени сами да се договараат и преговараат. Требаше да седнеме сите и ние и раководството на Тиквеш и претставници на Владата и ресорното Министерство, да разговараме и да ги прецизираме работите околу претстојниот откуп. Ако Тиквеш и останатите визби не можат да го платат трудот и маката на лозарите тогаш родот нека го откупи државата па потоа на која визба и треба вино нека си купи од таму, а не секоја година да бидеме вака уценувани, појаснува Кулев.

Ваквата реакција следуваше по денешната средба на раководството на Тиквеш со лозарите каде го започнаа процесот на дефинирање на соработката и потпишување договори со лозарите. На средбата раководството информираше за планираните количини за откуп, како и рамковната цена за грозјето, кои како што велат од таму се доста повисоки од ланските, како и дополнителните бонуси за предаденото грозје со екстра квалитет наменето за производство на премиум вина. На лозарите им беа дадени и насоки за динамиката на берба и прием на грозје во винарницата, за да се избегнат несакани појави на различни притисоци и уцени за прием на грозје од страна на поединци кои немаат регулирани договорни односи со винарницата, а се мотивирани од други интереси кои немаат никаква врска со вистинското лозарство и винарство – велат од компанијата. За да се обезбеди квалитетен род, „Тиквеш“ ќе продолжи да ги поддржува лозарите во текот на целата година, обезбедувајќи им препрати со пониски цени, стручни совети и едукација како да постапуваат во процесот на одгледување и заштита на лозјата, а обезбедени се и флексибилни начини на исплата на откупеното грозје во многу пократки рокови од оние кои се дефинирани со закон, порачуваат од Тиквеш и очекуваат дека оваа година ќе бидат потпишани над 2000 договори за деловна соработка со лозарите.
Инаку, анализата на податоците од минатогодишниот откуп покажуваат дека винарската визба „Тиквеш“ лани откупила најголема количина грозје, по повисоки цени во однос на просечните цени за вкупната реколта. Имено, од 92 милиони килограми грозје, колку што вкупно се откупени лани, „Тиквеш“, со откупени 25 милиони килограми, што е повеќе од 25 отсто од вкупниот откуп, има најголемо учество во однос на останатите откупувачи. При тоа, просечна цена за вкупната количина грозје откупена од „Тиквеш“ изнесува 13,4 денари за килограм и е повисока од просечната цена од 11,9 денари што лани ја постигнале сите винарници заедно.
