Неодамна беше формирано здружението „Млад сточар“, чија цел е поддршка на младите во сточарството и нивно поттикнување за помасовно вклучување во сточарството. Агротим разговараше со Иван Петров, претседателот на Здружението.
Како дојдовте до идеја за формирање на здружението „Млад сточар?
-Следејќи го сточарството неколку години наназад во нашата државата, согледувајќи ги негативните трендови, а уште повеќе податокот дека просекот на сточари во нашата држава е 65 години можеби и повеќе, а сѐ помалку млади луѓе се занимаваат и воопшто имаат желба и мотив да се занимаваат со сточарство, решив дека е време да се преземе нешто. Знаејќи го фактот дека како единка не можам ништо да подобрам и да сменам во сточарство, со моите 32 години ја започнав иницијативата дека е време ние младите да се организираме и заеднички да се бориме да ги подобриме работите. На нашата држава ѝ се потребни млади едуцирани и успешни сточари, кои ќе ги следат и практикуваат европските искуства во сточарството.
На младите сточари, посебно на оние кои сега влегуваат во сточарството, им е потребен сојузник од кого ќе добијат помош, совети и едукација. Така пред само еден месец го формиравме здружението „Млад сточар“ со околу 40 членови млади успешни сточари од сите гранки на сточарството. Посебно нѐ радува тоа што во нашето здружение имаме и жени фармери, кои земаа мошне активно учество во здружението.
Што претставува здружението „Млад сточар“?
-Доброволно неполитичко непрофитабилно здружение, кое ги застапува и обезбедува интересите на младите сточари. Создава и промовира услови за развој и унапредување на модерното сточарство кај младите. Ги изразува и застапува професионалните и деловните интереси на младите сточари во однос на другите државни и недржавни субјекти во Република Северна Македонија и во странство. Основните цели ни се обезбедување на едукативни и консултанстки активности, промоција на активностите и производите на своите членови како и соработката со други организации, претприемачи, органи на државната управа, стручни лица од областа на сточарството. Како посебна цел за 2022 година ни е апликација за полноправно членство во Европската асоцијација на млади фармери ЦЕЈА, за која искрено се надеваме дека ќе биде со позитивен исход.

Кои се предностите и придобивките на членовите во „Млад сточар“?
-Можности за учество на различни професионални и социјални настани фокусирани на сточарски прашања (на пр. Посета на фарми, посета на стручни предавања, семинари и сл.) По приемот во ЦЕЈА ќе имаме можност за посета на меѓународни конференции и семинари поврзани со обиколки на фарми, стручни семинари во соработка со нашите идни европски партнери. Нашите членови ќе бидат секогаш навремено информирани за тоа што се случува со сточарската сцена во нашата држава и ќе им бидат пренесени сите достапни информации. Предност е и можноста преку активно учество во „Млад сточар“ нашите членови да се стекнат со скапоцено искуство. Но како најважно и најприоритетно е нашите членови да имаат можност да коментираат за актуелните проблеми во сточарството, да заземеме заеднички став за одреден проблем и активно да учествуваме пред надлежните државни органи.
Кои се целите и плановите за иднина на Здружението „Млад сточар“?
-Здружението „Млад сточар“ се стреми да ги промовира интересите на своите членови и како и на сите млади сточари пред надлежните државни органи. Ќе се бориме гласот на младите сточари да биде слушнат и да земеме активно учество во креирањето на сточарските политики на државата, бидејќи Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Платежната агенција и други државни органи надлежни во областа на земјоделството се една од клучните алки во процесот на развојот на сточарството кај младите луѓе и решавањето на проблемите со кои се соочуваат. А сето ова можеме да го направиме со редовна комуникација и одржување на работни состаноци на коишто ќе разговараме за сточарските прашања.
Бидејќи сите знаеме дека има и други европски фондови за поддршка и развој покрај ИПАРД програмата започнавме и започнавме силна комуникација со Европската асоцијација на млади фармери ЦЕЈА, со цел да станеме нивна полноправна членка. Во нашата најблиска околина претставник во ЦЕЈА имаат српските млади фармери. Придобивката со членството во асоцијацијата е можноста за аплицирање на проекти што имаат за цел промоција, поддршка и развој на сточарството кај младите луѓе. Исто така и собирање на искуства од нашите колеги од Европа, кои ни се многу потребни за модернизирање на сточарството во нашата држава.

Што би им порачале на сите млади луѓе кои сакаат да се занимаваат со сточарство?
-Пораката што сакам да ја упатам кон секој млад човек до 34 години, кој активно се занимава со сточарство од секоја гранка, со секундарно производство, но исто така и кон секој млад човек што има мотив и желба да работи на проблематиките на сточарството да ни се приклучи, бидејќи само здружено заеднички можеме да постигнеме многу. Придружете ни се!
Контакт 076881038 e-mail [email protected]
