Лошите временски услови го зголемија оправданиот страв меѓу земјоделците дека ќе биде нарушен квалитетот на зрното, а во некои подрачја се јавија и болести на житарките.
Производителите на житарки во Западна Европа го користат сувото време за жетвата да ја приведат до крај, но тоа задоцни за да ги спречи штетите кои донесоа обилни дождови, особено кога е во прашање квалитетот на посевите.
Се очекува дека силниот дожд кој предизвика катастрофални поплави во Германија и Белгија, не ги намали значително приносите во остатокот од континентот. Но, европските посеви се и понатаму во подобра состојба во однос на северноамериканските кои ги опустоши силниот дожд. Меѓутоа, се зголеми оправданиот страв меѓу земјоделците дека ќе биде нарушен квалитетот на зрното, а во многу подрачја се јавија болести на житарките.
„Бевме уверени дека ќе имаме голема жетва, но дождовите ги намалија нашите очекувања“, изјави за Ројтерс земјоделецот Жан Баптист Верви во текот на жетвата на јачменот 100 км источно од Париз.
„Што се однесува до пченицата, приносите би можеле да бидат на ниво на очекуваните, но квалитетот е под прашање“, истакнува тој.
Трговците со житарки велат дека и покрај добрите приноси влажниот почеток на летото може да ја намали содржината на протеини во меката пченица. А токму тоа влијае на одлуката дали таа ќе се користи во исхраната или ќе се сомеле за сточна храна.
Најголеми штети во Германија
Тврдата пченица би можела да има нарушен квалитет, но зимскиот јачмен покажува добри изгледи и во поглед на квалитетот и на приносите. Што се однесува до маслодајната репка и таа дава позитивни очекувања, што ги изненади француските производители кои се соочија со сушата, нападите на штетници и пролетни мразеви.
Меѓутоа, се очекува поплавите во Германија да го намалат националното производство, а во прашање е и квалитетот на житарките. Проценката на загуба на посевите поради минатонеделното невреме се движеле помеѓу 150 и 200 илјади тони, што ќе ги намали очекувањата од овогодишната жетва која беше проценета на 22,8 до 23 милиони тони.
И покрај непријатностите кои ги снајдоа тамошните земјоделци, оние во другите делови на оваа земја би можеле да напредуваат во жетвата на јачмен пред да почнат со маслодајната репка и пченица.
„Неговиот квалитет е полош од лани, но тоа не претставува сериозен проблем“, вели еден аналитичар.
Во Полска жетвата добро напредува и покрај сушата и минатонеделниот дожд кој сепак создаде помалку проблеми во однос ан другите земји.
„Жнеењето на јачменот е во полн ек на југот и во Централна Полска“, вели аналитичарот Војтек Сабарански од фирмата „Спаркс Полска“, додавајќи дека почнала и жетвата на маслодајната репка на југозапад, а на пченицата допрва треба да почне.
Извор: agroklub.com