Обичаите кои со децении се негуваат во Кичевско-бродскиот и Мавровскиот регион за верскиот празник Водици, се изучуваат и на најпознатите европски универзитети. Последните десетина години професорки од универзитетите во Будимпешта, Унгарија и Краков, Полска, присуствуваа на повеќедневните свечености поврзани со одбележувањето на овој празник.
Професорката од Универзитетот во Краков, Јохана Рехас беше гостин во село Ехловец, а во село Лавчани професорката од Универзитетот во Будимпешта, Ана Марија Болја, која при вториот престој ја придружуваа студенти од тој универзитет.

– Колку се автентични обичаите за верскиот празник Водици во нашето село, зборува и фактот што за нив владее голем интерес на речиси целиот европски континент, а најдобра потврда беше посетата на професорката од Универзитетот од Краков, Јохана Рехас. Таа со фотодокументација и низ разговори со месните жители собра исклучително богат материјал поврзан со овој празник и на тој начин уште повеќе ќе се анимира автентичноста и традициите кои се негуваат за овој празник, вели Најде Талески од село Ехловец.
Уште поголем интерес за овој празник пројави професорката од Универзитетот во Будимпешта, Ана Марија Болја, која три години присуствуваше на Водици во село Лавчани, а при вториот престој за Водици, во придружба беа и студенти од универзитетот.

-Водици се вистинско богатство за сите оние кои што имаат можност да ги доживеат и да бидат присутни на самото одбележување, кога во село Лавчани бројот на жители повеќекратно се зголемува и покрај локалните жители тука доаѓаат пријатели, познаници и гости од сите краишта во земјава па дури и од странство, како што беше случај претходните години кога во два наврати во нашето село престојуваше и професорката од Универзитетот во Будимпешта, Ана Марија Болја, вели Младен Ванчоски, жител на село Лавчани.

Тој ги истакна импресиите кои ги стекнала професорката од Водици во кичевијата со акцент на Лавчани.
-Таа внимателно ги следеше сите детали од нашите обичаи поврзани со овој празник, а втората година во нејзино друштво беа и студенти од катедра каде што предава. На гостинката од унгарската метропола не и пречеше ниту студот ниту старите куќи од кои напротив таа беше воодушевена, а најмногу се одушеви од капењето на кумовите во коритата од селските чешми и како што самата рече „Нам и без ова капење ни беше студено, а можете да замислите како се чувствуваат водичарските кумови во студените води целосно намокрени“, додаде Ванчоски, жител на село Лавчани, еден од домаќините на професорката Болја.

Извор: МИА
