Со осум нови лекови ќе биде проширена Позитивната листа, најави премиерот Христијан Мицкоски, кој рече и дека очекува во иднина уште повеќе да се проширува.
– За Позитивната листа на лекови што Фондот за здравствено осигурување ја објавува, можам да кажам со задоволство дека бев информиран од страна на директорот, таа ќе биде проширена со осум нови лекови, што досега не беа на пазарот и со што ќе им се заштеди на осигурениците до два милиона евра. Лекови што тие ги плаќаа, ценам дека ова е после долго време освежување на онаа листа по насока на додадена вредност на здравствените осигуреници, рече премиерот, кој одговараше на новинарски прашања на прес-конференција по посетата на Царинската управа.
Тој кажа дека очекува во иднина уште повеќе да се проширува листата и оти лековите нема да се набавуваат преку привилегирани веледрогерии.
– Ја поздравувам, честитам и очекувам и во иднина уште повеќе да се проширува, со што ќе се стави фокус на објективноста, а не на привилегирани семејни веледрогерии што изминативе децении го исцицаа здравствениот систем и практично го доведоа здравствениот систем ваков како што е триплирани вредности на медицински апарати, лекови и така натаму. И сега сакаат огромни суми на камати на грбот на граѓаните да спечалат, па блокираат здравствени установи и така натаму, додаде премиерот.
МИА
Напишете коментар