Новата Уредба за субвенции за 2026 година наиде на позитивни рекации кај производителите на бадем, орев и лешник.
Во продолжение го пренесуваме нивниот став за висината и начинот на поделба на државната помош:
-Ние како производители на лешници, бадеми и ореви сме задоволни од неа, бидејќи покажува јасно разбирање за нашите производители и за нашите идеи за развој на секторот.
Во изминатиот период имаше повеќе негативни реакции и дилеми кај дел од земјоделците и производителите, што е и очекувано кога се носат нови модели. Но, како што прашината полека се спушта, сè повеќе можат да се видат и насмеани лица кај производители на терен. Новата Уредба всушност претставува документ кој јасно им покажува на земјоделците како се моделирани државните субвенции и што реално можат да очекуваат како поддршка.
Она што е особено позитивно е што програмата јасно ја поставува насоката – поддршката да оди кај активните производители, кај оние кои работат, произведуваат и пласираат производ на пазарот.
„Јасно е дека програмата нè поддржува нас како производители и дека државата во новиот модел бара резултати. Тоа се гледа од фактот што субвенциите се поврзани со продаден производ. За нас ова е многу позитивен сигнал, затоа што значи дека таканаречените земјоделци кои садат само за да земат субвенции, без реално производство, повеќе нема да можат да користат средства од буџетот. Со ова се создава поддршка за работливите фармери и за оние кои навистина произведуваат, а државата нема да троши средства на оние што не работат.“ – истакнува г-дин Балевски од здружението на производители на Бадем.
Став на Здружението на лешникари
Од Здружението на лешникари велат дека моделот е прифатен со голема поддршка од членовите.
„Задоволни сме од моделот на субвенционирање. Нашите членови го поддржаа ова решение од повеќе причини. Прво, субвенциите конечно ќе одат кај вистинските земјоделци. Производителите кои реално произведуваат ќе ја добијат поддршката, а оние што засадиле неколку дрвја и не знаат ни каде им е парцелата, нема да добијат средства. Време беше државата да престане да троши пари на луѓе кои не ги обработуваат своите ниви. Ова го сметаме за добар модел и за други земјоделски култури.“
Како втор важен аспект се посочува ограничувањето на максималната поддршка.
„Досега беше нелогично мултимилионски компании со стотици хектари насади да добиваат огромни суми само по основ на површина. Со новиот модел има ограничување од 2.000.000 денари, што јасно ја насочува поддршката кон малите и средни производители.“ истакнува г-ѓа Танеска од здружението на лешникари Еко Лешник.
Задругарите ја поддржуваат ова мерка со мали забелешки
„Единственото што би сакале да се подобри е границата од 5 хектари за добивање 100% субвенција – сметаме дека таа треба да биде 15 хектари. Но, многу позитивен е лимитот од 2.000.000 денари, бидејќи големите компании повеќе нема да можат да го повлечат најголемиот дел од средствата. Поддршката ќе остане кај реалните производители. Силно ја поддржуваме и идејата производството и продажбата да бидат клучни за добивање субвенции. И порано имаше случаи каде луѓе живееја од субвенции без да работат. Ова е важен момент и ја поддржуваме одлуката на министерот и Владата.“ – посочува г-дин Тасески од Земјоделската задруга Природен Лешник.
Позитивни реакции и кај оревопроизводителите
Производителите на ореви исто така го поздравуваат новиот модел и сметаат дека тој ќе донесе дополнително засадување на ореви во државата, бидејќи конечно се создава сигурност дека поддршката ќе биде насочена кон реално производство.
Нов модел, базиран на резултати!
Со ваков модел Македонија има реална можност да стане сериозен производител на лешници, бадеми и ореви. Овие култури се сè побарани на европскиот и светскиот пазар, особено во услови кога Европската унија сè повеќе бара сигурно и регионално производство на храна.
Добрата практика од земји како Италија, Шпанија и Франција покажува дека поврзувањето на субвенциите со реално производство и продажба дава најдобри резултати. На тој начин се стимулираат активните производители, се зголемува квалитетот и количината на домашното производство, а јавните средства се користат ефикасно. Земјоделци кои не произведуваат и не пласираат производ не придонесуваат во економијата, па затоа и не треба да бидат носители на државна поддршка.
Новата програма отвора ново поглавје – поддршка за работа, производство и резултати. Токму тоа е основата врз која може да се гради стабилен и конкурентен сектор на јаткасти плодови во Македонија, велат производителите.
