Нивото на водата во реката Дунав во Романија викедов падна на најниско ниво од 1996 година, што резултираше со ограничувања при наводнувањето на земјоделските површини и делумно нарушување на бродскиот сообраќај.
Речните водните патишта низ Европа се засегнати од продолжените топлотни бранови и сушата, а климатските податоци покажуваат дека просечната максимална температура во Западна Европа во понеделник се очекува да достигне 26,2 степени Целзиусови, што е за 2,7 степени над просекот за 20 јули.
Романската Државна агенција за управување со водите соопшти дека вчера протокот на Дунав низ земјата изнесувал околу 1.700 метри кубни вода во секунда, далеку помалку од просекот за јули што изнесува околу 4.700 метри кубни во секунда.
Снимки прикажуваат големи песочни површини кои се појавиле долж брегот на Дунав во близина на границата со Бугарија. Неколку траектни линии се прекинати, а товарни бродови со жито останале неподвижни поради намалената пловност на реката.
Романија е меѓу најголемите извозници на жито во Европската унија, поради што ниското ниво на Дунав создава дополнителни проблеми за транспортот на земјоделските производи.
Поради недостигот на вода, властите го ограничија пристапот на земјоделците до водните ресурси за наводнување во југоисточниот дел на земјата и воведоа контрола врз водните резерви, со цел да се обезбедат минималните количини потребни за ладење на двата реактори на државната нуклеарна централа „Нуклеарелектрика“.
Според романската Агенција за управување со водите, се очекува од денеска нивото на Дунав постепено да започне да се покачува, последица на обилните врнежи што вчера зафатија неколку региони, наместа предизвикувајќи и поплави.
МИА
