Откупот на тутунот тече непречено и според состојбите може да заврши пред законскиот рок, 31 март, изјави Љупчо Николовски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство. Тој при денешното доделување на договорите за земјоделците за земање под концесија на државното земјоделско земјиште, најави увид во состојбите и текот на откупот.
Како што изјави Николовски, досега се откупени околу 16 500 тони од реколтата по просечна цена од околу 197 денари.
-За околу 74 проценти од вкупно склучените договори за откуп на тутунот е веќе откупено производството. Досега се откупени околу 16 500 тони тутун од околу 22 000 тони за кои се склучени договори. Околу 94 проценти од откупеното е веќе исплатено. Просечната постигната цена е 196 до 197 денари за килограм тутун. Постојано сме во контакт со тутунопроизводителите. Затоа и денеска сме во Прилепскиот регион и на два месеца пред официјалното завршување на откупот да направиме пресек. Податоците покажуваат дека откупот тече непрекинато, можно е да заврши и пред законскиот рок – изјави за МИА Николовски.
Министерот уверува дека остануваат со поддршката на тутунарите како и досега. На прашањето дека Сојузот на земјоделските здруженија бара средба при крајот на месецот за нови, повисоки цени за новата реколта и законски измени за рамноправност со откупувачите, Николовски ја потврдува поддршката за тутунарите и вели дека ќе ги слушне производителите.
-Постојано сме на теренот, ги слушаме тутунопроизводителите, вратите на Министерството се отворени, Владата креира законски промени, мерки и решенија за секој проблем за да ги олесниме административните процедури, за да дојдат повеќе пари кај тутунопроизводителите и да се грижиме за оваа традиционална земјоделска гранка во која се опфатени околу 30 000 семејства во земјава – рече Николовски.