Меѓународнит саем за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“ кој деновиве се одржува во Белград е прва активност од овој тип на проектот или мисијата Отворен Балкан.
Прв саем од овој тип но и прв по модерноста, големината, бројноста на излагачите и измешаното друштво од политичари, функционери, бизнисмени и новинари, кои ги спојуваше заедничкиот ентузијазам дека ова заедништво е вистинска работа.


Ковачевски, Вучиќ и Рама, тројцата лидери на Отворен Балкан го отворија саемот со чаша вино создадено од три сорти од поднебјата на С. Македонија, Албанија и Србија. Измешано грозје но со еден уникатен вкус. Како што беше и целиот настан.


Говорите на лидерите на трите земји беа политички, дел лични со порака која главно се однесува на можноста која треба да ја искористат винариите за наоѓање на нови пазари, партнерства. Но констатацијата на премиерот Ковачевски, за можноста за заедничкиот пазар за земјоделските производи и нивни преработки, беше според мене клучната порака и шанса на која се надеваат нашите земјоделци и стопанственици. И на тоа треба да се стави главниот акцент во иднина.

Винска визија на Отворен Балкан ја дебатиравме со претставници на винариите, правевме планови за промоција на вината и руралниот туризам со директори на институции и меѓународни проекти, а со трговците го анализиравме пазарот на вино.

Темата сите подеднакво добро ја владеевме и заклучоците брзо ги донесовме, а тоа е насоката домашните винарии да се произведуваат премиум вина кои имаат повисока цена, да им се помогне на малите семејни винарии да бидат дел од винскиот туризам, а се заедно да биде одлично презентирано до пошироката домашна и странска јавност.

Покрај понудената медиумска поддршка и промоција на вината и винскиот туризам од страна на платформата Agrotim.mk треба да се работи и на поголема информираност за можностите кои ги нуди државата преку неповратните средства, грантови и мерки за поголем развој на овој сектор. Мерката 3 и Мерка 7 од ИПАРД се идеална можност винската визија да добие и успешна реализација.

Отворен Балкан е дефинитивно визија на нашите стопанственици, реализирана од тим на визионери во политиката.
Ова ми е впечатокот од сите денови поминати во Белград, особено од „Македонска вечер“, од разговорот со докажани бизнисмени, сериозни газди на извозни компании кои носат девизи во државата и вработуваат луѓе.

Нивните изјави и пофални зборови за идејата, нивното искрено ракоплескање на говорот на премиерот Ковачевски, потоа на спомнувањето на името на Зоран Заев и на другите први луѓе на земјите дел од Отворен Балкан беше убаво да се слушне.

И охрабрувачки.
Политиката на секоја актуелна Влада го создава амбиентот за стопанисување. И затоа е најдобро да се почитува мислењето на стопанствениците. Во овој случај и слушнато и реализирано.
Честитки!

Ленче Николовска
