Невенот, Calendula officinalis, е лековито цвеќе кое освен во народната медицина, својата улога ја има најдено и во заштитата на растенијата. Од него се подготвуваат многу ефикасни природни препарати.
Неговиот мирис делува како репелент против многу штетници, а коренот лачи состојки кои ги одбиваат коренските нематоди. Овој вид буквално ја лекува почвата и ја чисти од штетните организми.
Добар сосед
Компировата златица не го поднесува мирисот на невен, па се сее околу или во посевот. Бројот на растенија зависи од големината на засеаната површина. Може да се додаде во браздите при садење компири.
Ги штити посевите на зелка, пиперка и домат од разни штетници, а јагодите од напади на лисни вошки. Тие преминуваат на растението невен. Со својот мирис ги привлекува лисните вошки, грини и други штетници кои се фаќаат на лепливото стебло. Може да се сее во овоштарници каде што има улога како како растение стапица.

Не го садете покрај пченка, диња или лубеница, бидејќи ќе го попречи и ограничи нивниот раст. Пожелно е да се додаде во компост.
Природен фунгицид и инсектицид
Од семето на невен се подготвува природен фунгицид и инсектицид. Потребно е 100 гр семе да се чуваат потопени во пет литри вода. Добиениот раствор се цеди и се користи во борбата против болеста црна нога и крлежите, молците и други штетни пеперутки.
Инсектицидот од невен е ефикасен против штетници кои го цицаат сокот од лисјата како што се лисните вошки, грини и други видови. Потребно е да се сварат 100 гр листови во еден литар вода и да се остават следните пет дена на темно место. Пред употреба, процедете го и разредете со вода во сооднос 1:1.
Можеме да го користиме за зелено ѓубрење на локации каде што постои ризик од нематоди. Кон крајот на август се врши сеидба, а по 1,5 до два месеци се врши орање. На растенијата не треба да им се дозволи да формираат семе, бидејќи тоа ќе овозможи размножување низ целата парцела. Во текот на зимата, заораната маса ќе изгние.
