Оваа„ слатка“ приказна сега наречена ,, ММ Sweets” започна пред 5 години, кога Наташа, која инаку по професија е Дипломиран оперативен менаџер, за крштевката на својот син Марко сама подготвила слатка маса.
-,,Никој не веруваше дека мафините и тортата ги направив сама. Бев мотивирана од пофалните зборови на моите најблиски роднини и пријатели. Од задоволство почнав да правам колачи, мафини, помали торти , ги украсував и ги подарував на најблиските за разни поводи, наместо да купувам чоколадо и цвеќе. Така, за неколку месеци од Фејсбук страна што ми ја напрви мојата ќерка Марија, ММ Sweets прерасна во бизнис “- со широка насмевка очигледно задоволство ни раскажува Наташа.

Секој почеток е тежок, но решителноста и вербата во себе се пресудни за успех во работата. И искуството на Наташа го потврдува тоа.
,Започнав во еден момент кога не можев повеќе да чекам некаде да се вработам. По само 4 месеци одкако ја добив првата професијонална нарачка ММ Sweets, стана голема и позната работилница. Сега слаткарството е моја професија. Не е важно колку другите веруваат во тебе, важо е колку ти веруваш во себе. Јас многу верував во себе, знаев дека со моите раце можам да направам чуда, но за среќа ја имав и поддршката од најблиските. Кога ја добив првата нарачка мајка ми, како подарок ми купи миксер и вреќа со брашно” – вели Наташа.
Магија од слатки задоволства, креативност и професионалност…неделава беше втората по ред промоција на битолчанката Наташа Исковска.

Во Хотел- бистро барот ,, Бела куќа “во Битола, каде што се одржа презентацијата, Наташа на своите гости им приреди една прекрасна предновогодишна бајка. Зборовите секако нема да можат да ја доловат убавината и беспрекорноста на малите слатки уметнички дела за кои е тешко да се поверува дека некој ги изработил со своите раце…



Торти со ликови од цртани филмови, бебешка количка, зимска снежна бајка, лампиони од чоколадо, величенсвен замок од марципан, а од далеку светкаа колачи со 24 каратно злато, новитет кај нас.



Во секое делче од слаткиот свет што го видовме пред нас забележавме неверојатно чувство за уметност но Наташа се погрижила изгледот да оди биде во комбинација со вкусот и затоа употребува квалитетни суровини. Тука е белгиското чоколадо, квалитетното овошје, путер -какао…
Сите производи се без адитиви и конзерванси, не користи палмина маст, а од неодамна започна да изработува и безглутенски колачи.
– Јас се пронајдов себе си во слаткарството. Се надевем дека рацете ќе ме служат добро за да можам да ги реализирам сите мои идеи. А можеби ќе направам и нешто поголемо, зошто да не – заклучува Наташа како шлаг на торта во нејзината слатка приказна.

