За секоја сериозна држава, компаниите кои се водечки во секторите, инвестираат, освојуваат странски пазари, придонесуваат за влез на девизи, го развиваат домашното производство и вкупниот агрокомплекс, треба да имаат посебен третман од страна на државата. Битката за успех на домашниот и странските пазари мора да биде заедничка, само така може да има резултати во било кој сектор.
Кога станува збор за млекопроизводството кое последниве години бележи голем пад, една од мерките која може да помогне да се спречи овој негативен тренд, а потоа да зборуваме и за развој, е зголемување на државната поддршка за производителите на млеко, односно да се тргне скалестиот начин на субвенционирање.

На оваа тема побаравме мислење од извршниот директор на Млекара ЗДРАВЈЕ, познавач на состојбите во млекопроизводството, активен учесник преку неколку водечки позиции во секторот, Златко Најдовски.
Ставот на Најдовски е многу јасен. Ако сакаме зголемување на домашното производство на млеко, мора да се тргне лимитот во висината на субвенционирање кој сега постои за големите фарми.
-Она што треба да се направи е да се тргнат лимитите на државната поддршка која се дава по субјект. Ако се оди на зголемување на домашното производство на млеко, тоа секако може само со големите фарми кои можат да ги исполнат стандардите на производство. Такви фарми во државата имаме 20 и да ги прашате тие сточари сите ќе ви кажат колку големи инвестиции се потребни од набавка на високомлечни грла добиток до изгрдаба на фарма. Тоа се милионски инвестиции, во евра. Денеска една крава во зависност од расата е од 2.500-3.000 евра. Ако ви е изградена фармата вам ви треба по 2.500 евра за една крава па нагоре за да се овозможат условите за одгледување. И сега рачунајте вие ако имате 500 крави , колку треба да се инвестира. Инвестициите се преголеми за сами да можат да ги исполнат, а при тоа да бидат конкурентни на пазарот. За да се подобри ефикасноста и продуктивноста треба извонреден концепт на фарма кој треба да е скоро безгрешен и подеднаков како една фарма во Холандија, Англија, Франција. Таму е веќе униформност и ако не се постигне тоа ниво, повторно нема да бидете ефикасни и конкурентни. Од тој аспект, доколку се стимулира млекопроизводството, големите фарми треба секогаш да имаат предност – вели Најдовски.

