Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија ќе ја одржи 13. сесија на Работната група 1 – Земјоделство и рурален развој (Поглавје 11), во организација на Европското движење. Настанот е посветен на темата „Рурален развој и можности за младинско претприемаштво“.
Целта на дијалогот е отворање на прашања поврзани со поквалитетно образование, обуки и отворање на нови работни места за младите. Ќе бидат презентирани европски искуства и програми кои ја поддржуваат претприемачката иницијатива, со посебен акцент на руралните подрачја како начин за задржување на младите и нивно активно вклучување во локалниот развој.
Во воведното обраќање ќе се обрати амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова. На форумот ќе учествуваат македонски и словачки експерти од областа на земјоделството, млади фармери, претставници на младински организации, земјоделски здруженија, академската заедница, граѓанскиот сектор и меѓународни партнери. Од нив се очекува преку инклузивен дијалог да понудат идеи и препораки за поттикнување на младинското претприемаштво и зајакнување на улогата на младите како двигатели на иновации и развој во своите заедници.
