Доброто снабдување со хранливи материи за јагодите е основен предуслов за постигнување високи приноси и вкусни плодови. Најважно е ѓубривата што ги додаваме да имаат избалансиран сооднос на хранливи материи и да не претеруваме со додавање на азот.
Потреби од минерали
На јагодите најмногу им е потребен калиум, кој сочинува околу 60 отсто од сувата материја на плодот. Затоа, во фаза на плодоносење, неопходно е да се применат ѓубрива богати со овој минерал. Формулациите на однос на азот, фосфор и калиум се 2:1:3 или 2:1:4. Јагодата многу е чувствителна на дисбалансот на ѓубрива и било каква промена влијае на приносот и квалитетот на плодовите.
На нивното усвојување влијае и pH реакцијата. Кога има вишок на калциум во почвата, се намалува апсорпцијата на магнезиум и покрај тоа што го има доволно во почвата. Кога pH е алкална, може да се појави и проблем со апсорпција на железо и цинк. Просечната количина на неопходен калиум се движи од 90 до 250 кг K2O/хa.

Азотот е неопходен за раст и развој, но неговиот вишок делува многу негативно. Ова е особено изразено ако се јави дисбаланс во однос на калиумот. Вишокот на азот негативно делува на имунитетот на растението, ја ослабнува механичката структура, често се јавуваат болести, особено скапување и штетници. Прихраната со ѓубрива богати со овој елемент се врши на почетокот на сезоната, што ќе помогне да се развие лисната маса. Неговата количина треба да се прилагоди на состојбата на посевите и квалитетот на почвата. Просечната потреба е околу 120 кг/ха за високоприносни посеви.
На количината на фосфор кој е неопходен, големо влијание има pH реакцијата на земјиштето. На алкални и многу кисели, тој преминува во недостапна форма која растението не може да ја прифати. Просечната количина на неопходен фосфор се движи од 50 до 150 кг P2O5/хa.
Недостатоци на минерали
Со преглед можеме да утврдиме во каква состојба се јагодите и дали се доволно снабдени со хранливи материи. Хлорозата на најмладите листови, предизвикана од недостаток на железо, е многу честа кај земјоделските култури во почетната фаза на растење. Виолетовите листови кога времето е студено покажуваат дека нема доволно фосфор, кој станува неактивен поради временските услови, дури и кога го има доволно во почвата.
Може да се појави и хлороза предизвикана од недостаток на магнезиум, кој има карактеристични симптоми. На старите листови, лисните нерви остануваат зелени, додека површината на листот помеѓу нервите станува жолта. Друг термин кога се јавува хлороза е интензивен пораст на плодовите. Недостаток на калиум се забележува на најстарите листови во вид на хлоротични и некротични дамки, пренесува Agroklub.
