Новиот Закон за земјоделство и рурален развој е поставен на разгледување на ЕНЕР и се очекуваат коментари од страна на земјоделските производители.
На нашата платформа Агротим ви ги пренесуваме одделно членовите од законот за да имате подобар преглед за областите кои ве интересираат и да можете да земете учество во носењето на овој важен документ.
Во продолжение прочитајте кои се постапките, обврските, начинот на водење на ЕРЗС и условите доколку треба да извршите промена на податоците во системот.
Единствен регистар на земјоделски стопанства
Член 28
(1) Министерството води единствен регистар на земјоделски стопанства (во натамошниот текст: ЕРЗС).
(2) Во ЕРЗС задолжително се запишуваат земјоделските производители и нивните земјоделски стопанства кои:
- бараат остварување на правото за користење на финансиски средства од интервенциите на политиките согласно овој закон и други финансиски и нефинансиски поволности и поддршка за земјоделските стопанства обезбедени од изворите на финансирање од став (2) од член 4 на овој закон и
- се запишани во регистрите формирани согласно со законите од областа на земјоделството, сточарството, рибарството и аквакултурата, ветеринарството, безбедноста на храна и здравје и заштита на растенијата и задругарството.
(3) За потребите на водењето на ЕРЗС, Министерството во согласност со прописите за заштита на личните податоци, може да обработува лични податоци на членовите на семејните земјоделски стопанства (име и презиме, место и адреса на живеење) вклучително број на трансакциска сметка и единствениот матичен број.
(4) Основа за водење на ЕРЗС и неговото поврзување со други регистри е единствениот идентификациски број на земјоделското стопанство (во натамошниот текст: ИДБР).
(5) ИДБР се одредува при упис на земјоделското стопанство во ЕРЗС при што на едно земјоделско стопанство му се доделува еден ИДБР.
(6) Употребата на ИДБР е задолжителна во сите регистри формирани согласно со закон.
(7) Носителот на семејно земјоделско стопанство и членовите на семејното земјоделско стопанство се семејно поврзани и може да се запишат само во едно семејно земјоделско стопанство во регистарот од став (1) на овој член.
(8) Носител на семејно земјоделско стопанство е член на семејното земјоделско стопанство кој е овластен од другите членови на семејното земјоделско стопанство.
(9) Местото на живеење на носителот и членовите на семејно земјоделско стопанство задолжително е на иста адреса на живеење.
(10) Кога седиштето на правното лице е идентично со адресата на живеење на управителот на правното лице во регистарот се запишува само едно земјоделско стопанство, а доколку населеното место е без уличен систем и без куќни броеви запишувањето во регистарот се прави врз основа на изјава на управителот која е нотарски заверена
(11) Едно правно лице може да е запишано како носител на едно земјоделско стопанство.
(12) Доколку едно правно лице носител на земјоделско стопанство учествува во сопственичка структура на друго правно лице носител на земјоделско стопанство, односно постои капитална поврзаност меѓу правни лица носители на земјоделски стопанства, во ЕРЗС се запишуваат како едно земјоделското стопанство освен во случаите кога другото правно лице е земјоделска задруга.
(13) Носителот на земјоделското стопанство е обврзан секоја промена на податоците во ЕРЗС да ја пријави во Министерството во рок од 15 дена од настанатата промена.
(14) Барање за промена на податоците во ЕРЗС може да поднесе и друг овластен член на семејното земјоделско стопанство од редот на наследници на земјоделскиот имот на семејното земјоделско стопанство во случај на смрт на носителот на семејното земјоделско стопанство.
(15) Барање за промена на податоците во ЕРЗС за земјоделско стопанство чии носител е правно лице може да поднесе овластеното лице на правното лице – носител на земјоделското стопанство или овластен застапник на правното лице – носител на земјоделското стопанство.
(16) По исклучок од ставовите (12), (13) и (14) на овој член, промена на податоци во ЕРЗС може да се врши врз основа на податоци од инспекциски надзор на Државниот инспекторат за земјоделство, извршена контрола од Агенцијата врз основа на примени барања за користење на средства согласно со овој закон, извршена контрола од Агенцијата за храна и ветеринарство и врз основа на податоците од Интегриран систем за администрација и контрола.
(17) Овластеното службено лице од Министерството ја води постапката за запишување и бришење на стопанствата во ЕРЗС, како и за промена на податоците на земјоделските стопанства во ЕРЗС, ги комплетира и потпишува актите согласно прописите за општа управна постапка.
(18) Трошоците за издавање на актите од став (17) на овој член се уплаќаат на приходната сметка на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, за што се доставува доказ за извршена уплата.
(19) Министерот ги пропишува видот на податоците, постапката и начинот за запишување и доделување на ИДБР и за промена на податоци и бришење, содржината и формата на обрасците и потребната придружна документација за запишување, промена на податоци и бришење и начин и рок за ракување, употреба, објавување и чување на податоците од ЕРЗС.
(20) Податоците од ЕРЗС се објавуваат во збирна форма, особено по земјоделски култури, по големина на земјоделски стопанства, по општини и на ниво на Република Северна Македонија.
(21) Право на увид во податоците од ЕРЗС има носителот на семејното земјоделско стопанство или друг овластен член на семејното земјоделско стопанство или овластено лице на правното лице – носител на земјоделското стопанство или овластен застапник на правното лице – носител на земјоделското стопанство во секое време по претходно поднесено барање до Министерството или со електронски пристап на овие лица по претходно добиен кориснички пристап од Министерството.
(22) Во согласност со прописите за заштита на личните податоци, заради договорно уредување на правата и обврските за користење на вода за наводнување и пасишта во државна сопственост, податоците од став (3) на овој член може да се употребуваат од страна на надлежните органи на државна управа, врз основа на поднесено барање од нивна страна и издадено одобрение од страна на Министерството.
(23) Министерството е должно личните податоци од став (3) на овој член да ги чува пет години по престанокот на потребата од обработка на личните податоци на член на семејно земјоделско стопанство.
