Јордан Варaдинов од Кочани е еден од најмладите пчелари во здружението „Меден Исток“. Со пчеларство започнал да се занимава рекреативно од 2015 година откако се приклучил на обуката за млади пчелари организирана од страна на Програмата за зачувување на природата (ПЗП).
„Денес имам околу 30 пчелни семејства и роеви кои ги одгледувам во два пчеларника: еден на Осоговските планини и другиот во Кочанскиот регион, поточно во с. Тркање. Во зависност од годината и пашата, медот е ливадски или мешан со планински. Кога имам повеќе обврски околу моите студии, во одгледувањето или за одредени консултации ми помагаат мојата девојка или повозрасните и поискусни пчелари од овој регион од здружението „Меден Исток“, каде што сум и јас член. Обуката ми помогна да ги осознаам придобивките од одгледувањето пчели и важноста на пчелите во општеството. Секојдневно учам и се надоградувам за тоа колку се значајни пчелите за зачувување на животната средина, колку се здрави и ефикасни медот и сите пчелни производи и дека пчелата е една основна алка за зачувување на природата.“

