Секоја трета жена во светот работи во земјоделскиот сектор, а руралните жени играат важна улога во земјоделското производство, безбедноста на храната и исхраната, управувањето со земјиштето и природните ресурси и грижата за домаќинствата. Меѓународниот ден на руралните жени се одбележува на 15 октомври, кој беше одреден за време на 4-тата конференција на ОН за жени во Пекинг во 1995 година, со цел да се привлече внимание кон условите за живот на руралните жени, кои се многу потешки од оние на жените во урбаните средини.
Мирјана Митровска од село Добрушево, Општина Могила, е пример за успешна рурална жена. Четириесетгодишната Мирјана е сопруга, мајка на три деца и корисничка на средствата од мерката 115 „Активен женски член на земјоделско домаќинство“. Годинава е и добитничка на признанието за најуспешна рурална жена за 2021 година од Земјоделското здружение „Современо земјоделство“.

Сакајќи да дознаеме нешто повеќе за тоа колкав е интересот кај жените во руралните средини за искористувaње на средствата од мерката 115 „Активен женски член на земјоделско домаќинство“ Агротим беше во домот на четириесет годишната Мирјана Митровска од село Добрушево, Општина Могила. Насмеана и расположена, со неизбежното кафе за добредојде, не пречека Мирјана. Секако тука е и нејзиниот сопруг Никола кој гордо ни ја покажа куќата и дел од имотот што го наследил од својот татко и дедо.

Соработката на ова семејство со Агенцијата поттикнување на земјоделството и руралниот развој е навистина на завидно ниво. Така и за повикот „Рурална жена“ дознале токму од вработените во оваа агенција, поточно од советникот Андреа Соколовски кој им ги кажал предностите на мерката, намената и условите.
Веднаш препознале шанса токму за Мирјана бидејќи таа е е носител на нивното земјоделско стопанство ИЗ ЈУРУК –НМ Мирјана Митровска, кое го основале со помош на кредит за самовработување од Агенцијата за вработување.
Ова семејство веќе 20 години се занимава со земјоделство. Мирјана по потекло е од Крушево и на 20 години се омажила за Никола и дошла да живее во село Добрушево. Никогаш дотогаш не се занимавала со земјоделство. Но со Никола решиле да продолжат да ги обработуваат нивите како што тоа го правеле родителите на Никола.

Покрај тоа што научила речиси сѐ за земјоделското производство, таа уредно се грижи и за целокупната документација, давачки, даноци и сл. Денес имаат 8 хектари обработливо земјиште на кое одгледуваат тутун, пченица, јачмен, пченка, пиперки и други градинарски култури.

За мерката „Рурална жена“ аплицирале за да можат да ја зголемат вредноста на своите градинарски производи, односно да можат да ги преработуваат и да ги складираат па да ги продаваат со подобра цена. Нивните планови се да го прошират своето земјоделско стопанство. Велат дека прават вкусен ајвар. Сакаат да започнат да прават уште поголеми количини па и да го продааат. Да го пакуваат во стаклени тегли, со сопствени етикети на нив, и да го понудат на пазарот.

Мирјана и Никола имаат три деца, Андреј (14), Стефан(16) и Ангела (20). Тие се нивните главни помошници во извршувањето на земјоделските работи. Секако се надеваат дека еден ден ќе продолжат да го развиваат овој семеен бизнис.
