Метеоролозите од британската Национална метеоролошка канцеларија предвидуваат дека 2023 година ќе биде 10-та последователна година во која глобалните температури ќе бидат најмалку 1 степен Целзиусов повисоки од температурите пред луѓето да ги поттикнат климатските промени.
Тоа значи дека 2023 година би можела да биде една од најтоплите години досега. Во моментов, 2016 година е најжешката година од почетокот на мерењата во 1850 година.
Професорот Адам Скалфи, водител на долгорочните прогнози во Британската метеоролошка канцеларија, вели дека следната година можеби нема да биде рекордна по температурите, но ќе биде значајна поради зголемувањето на температурите поради зголемените глобални емисии на стакленички гасови.
Доктор Ник Данстон од Британската метеоролошка канцеларија, кој ја предводеше прогнозата за глобалната температура за 2023 година, вели дека глобалните температури долго време биле под влијание на „Ел Нињо“ во последните три години.
„Ел Нињо има привремен ефект на ладење на глобалната просечна температура. Но, за следната година, нашиот климатски модел укажува на крајот на три последователни години со Ел Нињо и враќање на релативно потоплите услови во делови од тропскиот Пацифик. Оваа промена веројатно ќе предизвика глобалната температура следната година да биде потопла отколку во 2022 година“, рече Данстон, пренесува Independent.
Британската метеоролошка канцеларија прогнозира глобална просечна температура повисока за помеѓу 1,08 и 1,32 Целзиусови степени, со средна проценка од 1,2 степени над просекот во втората половина на 19 век.
Минатата година, британските метеоролози предвидоа дека глобалната температура во 2022 година ќе биде помеѓу 0,97 и 1,21 Целзиусови степени над прединдустриските нивоа, со просечна проценка од 1,09 степени Целзиусови.
Податоците за 2022 година до октомври покажуваат дека температурата е околу 1,16 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа.
