Македонските вина се причина да станам вински презентер, гордо вели за МИА, словенецот Дејан Лепушек, кој веќе неколку години е промотор на нашите вина низ светот. Овие два дена е во Вински музеј Кавадарци, како презентер на работилница за развој на вински туризам и се обрати пред претставници на македонски фамилијарни винарии. Настанот е во организација на Wine Berry и Здружението на македонски семејни винарии, здружение со седиште во овој град.
– Виновник се токму македонските вина. Доаѓам од областа на металургија, долги години се занимавав со мојата металуршка професија. Бев менаџер во компанија. Во Словенија тогаш баш и не пиев вино. Не бев ни пробал, не знаев да купам, да бирам. Кога пред околу пет години одев на службени патувања баш во Македонија, се воодушевив, не можев да верувам дека постојат такви вина. Мојата сомелиерска работа започна тука, со вашите вина, презентирајќи за почеток, три македонски винарии во Словенија, откри тој.
Притоа сподели дека ја напуштил својата поранешна професија и веќе околу пет години се занимава со презентација на вина. Основно, македонски, но и од други винарии од светот.
– Баш многу ги промовираме македонските вина, бидејќи овие ваши македонски вина ми се во срцето. А кога луѓето ќе го почувствуваат тоа, не е тешко да се продаваат овие ваши македонски вина. Луѓето кога пробуваат, се уверуваат во моите зборови и ги купуваат вашите вина. Постепено ја проширив работата и со други вински региони, презентирајќи мали семејни винарии. Промовирам автохтони сорти на вино, правам презентации. Многу сум емотивен и посебно поврзан кон вината од македонските семејни винарии, емотивно кажа тој.
Притоа порача да се дегустира со мерка, а кога е така, виното е лек.
Овој човек на возраст од 50 години, подвлече дека туристите многу често не се интересираат за сорти на вино што ги има во целиот свет и што може да ги пијат било каде да одат.
– Напротив, туристите се интересираат за автохтоните сорти на грозје, како македонската автохтона сорта „станушина“ што се одгледува само на овој простор, таа е вашиот македонски вински ДНК, истакна тој.
Оваа македонска автохтона сорта на грозје во најголемиот лозаровинарски регион во државата, Тиквешкиот, ја нарекуваат македонско девојче, македонска винска принцеза и македонски бисер.
