Здружението „Македонски семејни винарии” потпиша договор за соработка со Факултетот за Земјоделски науки и храна од Скопје, информираше денеска Горан Јаковлевски, претседател на Здружението.
– За нас како здружение, оваа соработка со една од најстарите научни институции во државата, значи многу. Мошне е значајно да се има поддршката од стручни лица на теоретски и практичен план, на патот кон нашата крајна цел, производство на врвни вина и промоција на винскиот туризам, рече Јаковлевски за МИА.
Тој нагласи дека со законските олеснувања, македонските семејни винарии си го нашле своето место на винската карта и нивниот број секојдневно расте.
– Тие се веќе препознатлив вински фактор, наградуван во земјава и странство, рцени Јаковлевски.
Меморандумот го потпишаа деканот, професор доктор Вјекослав Танасковиќ и потпретседателот на Здружението Александар Клинчаров.
МИА
