Мачките се љубопитни животни и често ќе пробаат сè што ќе им се најде на дофат. Но тоа што нешто им е достапно не значи дека е безбедно за нивниот организам. Некои од секојдневните намирници што луѓето ги консумираат можат да предизвикаат труење, оштетување на органи или долгорочни здравствени проблеми кај мачките.
Меѓу најопасните намирници е чоколадото. Тоа содржи теобромин и кофеин, супстанции што мачките ги разградуваат многу побавно од луѓето. Дури и мала количина може да предизвика повраќање, дијареја, забрзана работа на срцето, треперење и напади. Колку е потемна чоколадата, толку е поголем ризикот.
Грозјето и сувото грозје, иако се сметаат за здрав избор кај луѓето, кај мачките можат да предизвикаат акутна бубрежна слабост. Иако точниот механизам на токсичност не е целосно разјаснет, регистрирани се случаи на сериозни труења и по внесување многу мали количини.
Опасност претставува и сировото тесто со квасец, кое во желудникот се шири и создава гасови, предизвикувајќи болка и надуеност, а при ферментација се создава и алкохол. Сировото месо и сировите јајца, пак, носат ризик од бактериски инфекции како салмонела, што може сериозно да го наруши здравјето на мачката. Иако млекото традиционално се поврзува со мачките, повеќето возрасни мачки не поднесуваат лактоза. Консумирањето млечни производи може да предизвика дијареја и други дигестивни проблеми.
Стручњаците советуваат сопствениците да се придржуваат до специјално направена храна за мачки и секогаш да се консултираат со ветеринар доколку се сомневаат дека миленикот изел нешто што не треба. Правилната исхрана е значајна за долг и здрав живот на секоја мачка, пишува 24info.mk.
