Цената на пченицата на париската берза EuroNext се искачи на 250,75 евра за тон, а на чикашката CME чини 235,62 евра/тон. Во исто време, еден тон пченка на EuroNext се тргува по 221 евро, додека на CME чини 178,03 евра.
Цената на семето од маслодајна репка во ICE Канада е 583,59 евра за тон. Меѓутоа, поскапе на францускиот Matif за 0,4 проценти и сега чини 574 евра за тон, што значи дека е дури 49,9 проценти поскапо отколку во ова време минатата година, пишува farmer.pl. Цената на сојата на СМЕ е 432,99 евра за тон.
Повеќе пченица за сточна храна отколку за леб?
Во меѓувреме, податоците за жетвата во Франција и Германија укажуваат на многу ограничена понуда на пазарот во Европа. Имено, во Франција, аналитичарите известуваат за многу лош квалитет и ниска достапност на пченицата за производство на брашно, а истиот проблем се очекува и во Германија. Според аналитичарите, поради слабиот квалитет, понудата на пекарски производи може да биде оскудна. Но, за производство на добиточна храна, од овие житарки ќе има повеќе од очекуваното.
Постои голема побарувачка за житни култури во извозните пристаништа на овие две земји. На крајот на август, Алжир купи повеќе од 250.000 тони пченица од Франција по цена од околу 350 долари за тон (што е околу 297 евра). Треба да се напомене дека во оваа цена се вклучени и трошоците за превоз.
„Кога транспортот започна од мојата фарма, пченицата која се наоѓаше во камионот чинеше 235 евра за тон. Но, кога пристигна во пристаништето во Руен, нејзината цена беше намалена за 30 евра по тон, бидејќи веќе не го исполнуваше квалитетот за производство на леб, туку за сточна храна“, изјавил францускиот фармер Кристоф Хилар за New.in-24.
Загриженост поради слабите жетви во Русија и Северна Америка
Државната агенција за увоз на најголемиот светски увозник на пченица, Египет (GASC) купила 180.000 тони црноморска пченица по просечна цена од 296,65 долари за тон. Тоа е скоро 40 долари по тон повеќе отколку во претходниот тендер. Очигледно, увозниците се многу загрижени за лошата руска и северноамериканска жетва. Условите за раст за следната жетва на пченица во Аргентина исто така брзо се влошуваат поради сувото и студено време. Берзата во Буенос Аирес го намали рејтингот на посевите за 9 процентни поени.
Повеќето аналитичари веруваат дека постои голема разлика помеѓу понудата и побарувачката, а се очекуваат дополнителни надолни ревизии за пченицата од Русија и Аргентина. Во овој контекст, глобалните биланси на пченица од една страна и пченка од друга, остануваат многу тесни, со голема неизвесност за тоа колку ќе продолжи да биде високиот кинески увоз, објаснуваат аналитичарите на Агрител.
Извор: agroklub.com
