Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Никица Бачовски денеска беа во посета на компанијата „Метро“, која со помош на ИПАРД Програмата вложила во осовременување и високи технологии како би ги зголемиле своите капацитети. Со финансиска поддршка за мерките за рурален развој, компанијата „Метро“ изминативе пет години значително го проширила асортиманот и партнерската мрежа во регионот и го зголемила извозот на нивните производи.

„Владата која ја предводам многу сериозно пристапи кон ИПАРД Програмата, затоа што веруваме во потенцијалот на земјоделците, затоа што за нас секоја педа од државата е подеднакво важна да се развива, затоа што секој граѓанин без разлика дали живее во урбана или рурална средина заслужува подеднаква можност за квалитетен живот.

Од земја која не ги искористуваше парите од европските фондови, и ги враќаше назад во ЕУ, Северна Македонија ја направивме земја лидер по искористувањето на средствата од ИПАРД Програмата. Кој било град или село да го посетите скоро секаде ќе наидете на табла дека некој проект е реализиран со помош и средства од ИПАРД. За нас е многу важно што сето тоа го гледаат нашите пријатели од меѓународната заедница, ја добиваме нивната поддршка кон градење на економски силна и профитабилна земја, конкурентна на меѓународен план.

Успешната реализација на ИПАРД 2 Програмата ни донесе уште повеќе пари, Европската комисија донесе одлука за зголемување на средствата наменети за Северна Македонија за 62% со новата ИПАРД 3 програма. Во ИПАРД 2 Програмата ЕУ за Северна Македонија издвои 60 милиони евра, за ИПАРД 3 Европската Унија на нашата земја издвои 97 милиони евра. Тоа се неповратни пари, тоа не е задолжување на нашите граѓани, тие пари на ЕУ не треба да и ги вратиме.
Овие средства како што покажавме и досега, ќе ги насочиме кон примарното земјоделско производство, преработка на земјоделски производи, развој на различни деловни активности поврзани со овој сектор во рурални средини како инвестиции за производство на прехранбени производи, како инвестиции за текстил, преработка на дрво, дестилари, изградба на хотели, градинки, домови за стари лица итн. Се со цел руралните средини да се развиваат како што се развиваат и урбаните средини.

Заедно со кофинансирањето од државата и апликантите вкупната вредност на програмата ИПАРД 3 достигнува 210 милиони евра, средства наменети за инвестиции во следните 7 години. За уште поголем интерес и реализација на новата ИПАРД 3 програма предвидуваме и можност за авансна исплата до 50% од финансиската поддршка преку ИПАРД 3 програмата.
Јас сум човек кој сака да сведочи на успешни бизниси, стратегии, иновативност, посветена работа, да сведочи на напредок, на успешно менаџирање, развој на нови бизнис идеи. Денеска сум во посета на две компании кои се незаменливи во работата што ја извршуваат, тие успеале да ги искористат средствата преку ИПАРД Програма и да го развијат и унапредат својот бизнис. Компанијата „Метро“, која се занимава со трговија на големо и мало со производи од свежа и замрзната риба, како и купување, складирање и продажба за овошје и зеленчук изминативе 5 години значително работи на проширување на асортиманот и партнерската мрежа во околните држави со цел зголемување на извозот на нивните производи. За истиот овој период компанијата неколкукратно го зголемила извозот во регионот. Оваа семејна компанија денес има 77 вработени и нејзиниот раст и развој многу значи за економијата на нашата држава.
Мојата следна дестинација денеска ќе биде уште една компанија со визија како да искористи средствата од ИПАРД програмата. Компанијата „Фор Лејди“, која се занимава со производство на текстилни производи пред се на чорапи, започнале проект за развој на иновација и трансформација на бизнис моделот од линеарен во циркуларен. Машините кои ги обезбедиле преку ИПАРД, го зголемиле капацитетот и квалитетот на нивното производство, имаат и дополнителен импакт во производствениот процес, односно ја исфрлаат употребата на пластика и користат енергетски ефикасни машини и заштедуваат енергија.

Владата прави сѐ за европските пазари повеќе да не се недостижни за нашите компании. Со мерките и стратегиите кои ги спроведуваме создаваме услови европските земји да се потенцијал за создавање нови партнерства со компаниите од нашата земја. Така вложуваме во економски раст, така ја правиме конкурентна и работната сила од нашата земја. Тука во „Метро“ се инсталирани со ИПАРД програмата машини без кои не би можел да се замисли извозот на голем број прехранбени производи произведени во нашата држава меѓутоа и пакување и извоз на други производи кои се увезуваат во странство кои што тука се преработуваат, пакуваат и се извезуваат во околните и европските земји.

На тој начин правиме младите кои работат во наште домашни компании, нивното знаење, креативност, стручност и експертиза да биде препознаено и ценето на меѓународните пазари.“, рече Ковачевски.
