На помали површини компирот сеуште се вади рачно т.е со мотика, што претставува најстар и најтежок начин.
На малку поголеми површини ископувањето се прави со плуг, кој е особено ефикасен за суво и растресито земјиште. После тоа компирите остануваат на површина на земјата и се собираат рачно. Меѓутоа, денес постојат и специјални плугови за вадење компири кои се покажаа особено ефикасни и рентабилни на поголеми производствени површини. Но, при ископувањето треба да се води сметка што помалку да ги оштетуваме компирите за да можеме подоцна подолготрајно да ги складираме.

Посебен проблем се појавува кога се вадат оние сорти на компири кај кои плодот се наоѓа нешто подалеку од коренот. Праксата покажала дека кај таквите сорти при ископувањето имаме околу 30% оштетени плодови.
Кај рачното вадење на компирите мала е веројатноста дека ќе дојде до оштетување на поткожичката на плодовите. Ако дојде до тоа, со нивното дополнително сортирање и одвојување и тој мал број оштетени се трга на страна. Меѓутоа, големите производители кои компирот го копаат со механизација обично не водат сметка за тоа, па сите извадени плодови се пакуваат во вреќи и се носат на пазар. Доколку сте невнимателни и ако купите таков компир за зимница, тој многу брзо ќе почне да се расипува.

Тоа е и разбирливо бидејќи оштетените плодови брзо ги губат хранливите вреднoсти, а на нивните оштетени места се развиваат микроорганизми кои подоцна доведуваат до скапување. Инаку, за развој на микроорганизмите помага и незрелиот компир, влажноста на плодот и остатоците од земја во која можат да се наоѓаат разни причинители на болести. Затоа водете сметка компирот за јадење да го набавуваете на проверени места, после тоа треба да го складирате во услови на температура од 4 до 5 степени Целзиусови. Со повремено проветрување и релативна влажност на воздухот од 95% компирот во такви простории може да се чува и во период од 10 месеци.
Извор: Agronews
