Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ од Кочани почна постапка за дополнување на дејноста на своето работење и ќе регистрира производство на органско ѓубриво за земјоделска намена.
Откако пред две години сламата од оризовите полиња почна да се собира и да се користи во процесот на прочистување на отпадните води во станицата во селото Мојанци, како краен продукт се добива компост.
-Во регистрираните дејности на работење на нашето претпријатие ја додаваме шифрата со број 38.32 – „обновување на посебно издвоени материјали“, со што правиме и измена на Статутот. За да можеме компостот да го нудиме како готов производ, обврзани сме да обезбедиме соодветни дозволи, што го наметна ова дополнување за кое согласност даде и Советот на Општината, како негов основач. Сламата се користи во процесот на филтрација на фекалните води од градската канализација, односно таа се меша со отпадна тиња и дневно се добиваат по околу 26 кубни метри висококвалитетен компост. Како нуспроизвод од ферментацијата се добива и метан, што заедно со поставените соларни панели служи за затоплување и за производство на електрична енергија – истакна Андреј Киров, директор на КЈП „Водовод“.
Собирањето и компостирањето на сламата е една од мерките за заштита на животната средина во Кочанско, бидејќи земјоделците ги палат остатоците од жетвата на оризот со што, освен испуштањето штетни материи од чадот, се уништуваат и хранливите материи во почвата.
Според стручните пресметки, од жетвата на оризот во регионот се добиваат околу 4,6 тони слама по хектар. Во сточарството годишно се искористуваат близу 8,5 илјади тони, а остатокот од над 11 илјади тони е слободна биомаса.
Извор: МИА