Калче Ноневски е пчелар кој одгледува околу 50 пчелни семејства во атарот на село Волкодери, кај Националниот парк Галичица со одлична местоположба полна со медоносни билки. За неговата љубов кон пчелите ни раскажа интересна приказна:
-Дедо ми беше познат пчелар а јас уште од малечок се интересирав за пчелите. Секогаш бев покрај него, помагав колку можев, ме интересираше се па и оттука се роди мојата љубов. Извесен период се повлеков за да во 2005 година одлучив повторно да се вратам на земјоделието, засадив јаболка на површина од 2,5 ха, ме исполнуваше оваа работа ама сепак љубовта кон пчелите не запре, раскажува Калче. Сподели со нас интересни моменти за тоа како се вратил на пчеларството.

-Беше за неверување, еден ден отидов во старата семејна куќа во село и што ќе видам, рој пчели се населиле во оџакот. Немав никаква опрема, решив да повикам пријатели пчелари да ја разгледаме ситуацијата. Неверојатно, собравме 47 килограми меди тоа беше пресудно за сериозно да продолжам да се занимавам со пчеларство, раскажува нашиот соговорник.

Тој е регистриран земјоделец кој ја продолжува семејната традиција и егзистенција обезбедува исклучиво од земјоделието. Кога има многу работа околу пчеларникот му помага сопругата Сузана.
-Кај нас цената зависи од самиот производител, колку медот е поквалитетен нормално дека ќе има и повисока цена, гледам во маркетите се продава мед по цена од 300-400 денари, тоа е смешно, зарем може да станува збор за вистински мед. Секој купувач треба да си има место од каде го купува, каде знае дека ќе добие убав и природен мед без никакви додатоци, вели нашиот соговорник.

За земјоделските стопанства кои поседуваат од 10 до 50 регистрирани презимени пчелни семејства, висината на директните плаќања е 600 денари по пчелно семејство, додека за оние со над 50 регистрирани презимени пчелни семејства изнесува 800 денари. Во земјава има околу 6 000 пчелари со околу 230 000 пчелни семејства
Калче потенцира дека од државата треба да добиваат поголема помош. Вели дека мораат да ја зголемат цената на медот затоа што и трошоците за негово производство се зголемуваат постојано. Има 51 пчелна кошница, корисник е на субвенции но и за нив вели дека треба да се зголемат.

– Користам субвенции но морам да признаам дека не се доволни. Ако направиме споредба херба стрип стапчињата против крлеж пред 3-4 години чинеа 200 денари сега се двојно поскапи а каде се останатите трошоци? И оваа година послаба е со мед, собирав 5 кг од пчелно семејство, што значи околу 250 кг чист планински мед, кој ќе биде исклучиво за сопствени потреби, подарок тегла за пријатели и мал дел за продажба, вели Калче.

Кога ќе се спомне пчеларство во нашата земја веднаш се помислува на производство на мед а поретко се сретнуваат пчелари кои ќе ви понудат прополис, матичен млеч,восок, полен и други слични производи.
Македонскиот мед е квалитетен а нелојалната конкуренција и климатските промени се најголем проблем, смета
Теглата оваа година чини 800 денари за килограм, во споредба со лани кога медот го продавал по 600 денари вели дека е принуден на ова иако знае и дека економската моќ на граѓаните не е голема.

Според него оние кои го купиле неговиот мед знаат дека купуваат проверени и контролирани производи.
– Продавам квалитет и оние кои купуваат редовно од мене го знаат тоа, пак ги препорачал да внимаваат граѓаните при купување на мед затоа што на пазарот има доста неквалитетен мед и институциите треба редовно истите да ги контролираат, смета тој.

Оценка на пчеларите е дека кај нас, за жал, медот се уште се користи главно како лек, а не редовно, во исхраната. Потрошувачката е многу мала, еден до два килограма годишно по член на семејство, додека во Европа е 10 килограми.

Во организација на пчелното друштво „Нектар“ Тузла, лани во септември на 9-от меѓународен натпревар и евалуација на квалитетот на медот Медена Тузла 2023 година, од вкупно 553 примероци мед и пчелни производи од 21 земја, медот на семејството Ноневски од Охрид освои златен медал што според Калче е гаранција за квалитет на нивниот производ.

И оваа година од 6 до 8 ми септември во Тузла ќе биде организиран 19 меѓународен саем за пчеларство и повторно овој 59 годишен медар учествува на оваа манифестација и како што вели повторно очекува дека ќе биде меѓу најуспешните.
Извор: Бриф
