Кога пред неколку години бев на службена посета на агрокомпании во Албанија, прво што ми остави впечаток беше можноста што ја искористиле албанските стопанственици благодарение на членството на нивната држава во НАТО Алијансата. Имено, за неверојатни 30% повеќето агрокомпании го зголемиле производството благодарение на сигурноста и стабилноста кои ги носи членството во Алијансата. Тоа за нивното стопанство значело зголемување на домашното производство, зголемување на извозот и многу нови вработувања.
Ова не е случај само со Албанија. Имаме уште еден пример од регионот, а тоа е Црна Гора, каде што, според официјални изјави на Агенцијата за промоција на странски инвестиции, откако Црна Гора стана членка на НАТО, дошло до значајно зголемување на приливот на странските директни инвестиции. Приливот на странските инвестиции се зголемил за околу 30 отсто за 2018 година во однос на 2017 година, додека приливот на директните странски инвестиции од земјите членки на НАТО-сојузот се зголеми за дури 64 отсто, што е големо зголемување во однос на 2017 година.
И кај нас веќе се бележи тој пораст на инвестициите и тоа е одлична вест. Во првите шест месеци е остварена највисока економска активност во зоните, покажува анализата за полугодишното работење на Дирекцијата. Со ваквиот тренд се очекува 1 милијарда странски инвестиции и отворање на дополнителни 14.000 работни места за 3 години. Исто така, вкупниот обем на извозот во првите шест месеци достигна 1 милијарда и 539 милиони евра, што е за 68% раст во однос на 2020 година, 12,5% во однос на 2019, односно 33% во однос на истиот период во 2018 година.
Можноста што ја нуди членството во НАТО за развој на стопанството сега има и директна адреса, а тоа е Министерството за одбрана, поточно Центарот за поддршка на компаниите за учество на тендерите на НАТО во висина од 5 милијарди евра.
Активноста се спроведува преку директна комуникација со стопанствениците и поддршка во текот на апликацијата на тендерите. Станува збор за исполнување на строги критериуми и норми во производството и квалитетот на производите за да може да се носиме со конкуренцијата за овој огромен пазар.
Дека имаме компании кои можат да ги исполнат овие услови, потврдуваат од Живинарската фарма „Везешари“ компанија која веќе неколку години продава јајца во НАТО. Оваа домашна компанија покажува дека е возможно да се пробие на НАТО пазарот дури и пред државата да стане членка на НАТО Алијансата. Тоа е целта на Центар за поддршка на домашните компании, да ги охрабри домашните компании да се пријават, да ги искористат предностите што им ги дава центарот, а тоа е пред сè една брза и ефикасна процедура.
Ваквиот пристап го поздравуваат стопанствениците и кај нив се препознава амбицијата да ги достигнат високите критериуми и стандарди што ги бара овој пазар. Домашните компании имаат капацитет да ја снабдуваат Алијансата, во тоа сум уверена, и токму затоа денешниот повик за Мерка 3 од ИПАРД треба да ја искористат, освен за зголемување на производството, и за модернизирање и постигнување на високи НАТО стандарди. Нови 5 милиони евра им стојат на располагање на винската, месната, млечната, мелничката и целокупната преработувачка индустрија.
Повикот се однесува на Мерка 3 за финансиска поддршка за инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи.
Финансиската поддршка за овој јавен повик изнесува вкупно 5.028.568 евра, односно 75% средства обезбедени преку ИПАРД програмата и 25% средства обезбедени од буџетот на Република Северна Македонија. Заедно со инвестициските средства од страна на корисниците вкупниот инвестицкиски фонд за оваа мерка изнесува 10 милиони евра.
Финансиските средствата по поединечно барање се доделуваат како неповратна финансиска поддршка, (грант) во износ до 50% од вредноста на вкупно прифатливите трошоци на инвестициите.
Уште една поволност за агробизнисмените, заради временската рамка за реализација на активностите од ИПАРД Програмата 2014-2020, крајниот рок за реализација на инвестиции со овој Јавен повик e 31.05.2023 година, додека, рокот за поднесување на барањата за исплата е 30.06.2023 година.
Значи повикот е тука, а според јавувањата во Агротим, интересот е голем, бизнисмените сериозни, апликациите се подготвуваат и се надевам дека ова ќе биде одлична „копродукција“ меѓу ИПАРД и стандардите што ги бара НАТО пазарот.
Во овој процес само е потребно поголемо здружување и меѓусебно помагање на бизнисите. Не треба секој поединечно да настапува, доволно е една компанија да повлече неколку други кои се комплементарни во производството и понудата. Тоа стопанствениците знаат сами да го организираат, ќе ги води мотивот на изнаоѓање нови пазари и зголемениот профит.
За нашата држава тоа е зголемен влез на девизи, нови работни места, поголемо домашно производство и воопшто развој на стопанството.
Секогаш, особено во време на криза треба да се користат сите предности што ги нуди државата, да се биде чекор пред другите, а рамо до рамо со најдобрите и најголемите. Тоа во случајов ИПАРД и го нуди.
Ленче Николовска