Петра Зигарт од Швајцарската асоцијација на земјоделци е одговорна за стручното образование на идните земјоделците. За Иновативност таа објасни како функционира стручното образование во оваа земја позната по квалитетниот систем на стручно образование кој креира кадар спремен за работа веднаш по завршување на образованието.
Како во Швајцарија се создава стручен кадар за земјоделскиот сектор?
-Стручното обвразование за земјоделци во Швајцарија вообичаено трае три години, а најмладите ученици имаат 15-16 години. Обучувањето се врши на три различни места: во училиште, на фармите и во посебни центри за обука. Тоа се многу битни елементи во образовниот процес затоа што на секое место се учи нешто ново и поинакво. Кога учениците ќе завршат со тригодишното образование сите треба повеќе или помалку да ги имаат научено истите работи. Она што е битно е дека на фармите не може да се научи се и затоа ги имаме тие специјални центри каде што 2-3 дена годишно одат и учат како се управува со некои специфични машини кои се користат во земјоделството.
Просечно, учениците поминуваат по 1,5 ден неделно на училиште, а остатокот го поминуваат на фарма. Со оглед на тоа дека Швајцарија има многу различни предели, фармите кои ги посетуваат се различни и затоа стручното образование за земјоделци е локализирано. Тоа значи дека секој кантон има посебно училиште за земјоделци и сите посебно одлучуваат за наставната програма. Некаде учениците одат во училиште по 1,5 ден просечно секоја недела, некаде по 1 ден, а остатокот од времето се на фарма затоа што таму се случува главната обука. Се разбира, и сопствениците на фармите треба да добијат посебна дозвола за да бидат дел од образовниот процес.
Најголем дел од младите не остануваат сите три години на една иста фарма. Тие ја менуваат фармата еднаш до двапати за да можат да видат и да научат што повеќе затоа што некои фарми одгледуваат крави и прават млечни производи, додека други повеќе се фокусирани на одгледување растенија. Исто така, го менуваат и јазикот на кој учат затоа што, како што знаете, во Швајцарија се официјални три јазици. Ние сакаме младите да учат на два од тие три јазици. На пример, кога ќе завршат со обуката на фарма од германско говорно подрачје, сакаме да поминат една година во фарма од француско говорно подрачје.
За организацијата на ова стручно образование заслужни се тројца партнери: конфедерацијата, кантоните и професионалните организации. Тоа важи за секакво стручно образование, не само за земјоделци. Конфедерацијата е одговорна за законските рамки, за стратешко менаџирање и развој. Кантоните се одговорни за имплементацијата на тие закони и надзорот, додека професионалните организации се задолжени за образовната содржина на сите три места. – објаснува Зигарт.
Остатокот од разговорот можете да го прочитате на следниов ЛИНК.
