Градот може да предизвика механички повреди на растенијата поради што може да се создадат инфекции со фитопатогени габи и бактерии. Како да се заштити овошјето и зеленчукот по штетите предизвикани од град?
Земјоделците треба да извршат увид во земјоделските култури и насадите. Доколку се регистрирани повреди предизвикани од град, да применат мерки за хемиска заштита.
Заштита на овошјето
Во овошните насади се препорачува употреба на препарати базирани на фосетил алуминиум или каптан.
Посебно внимание треба да се посвети на насадите со јаболка во кои е регистрирано присуство на бактериска пламеница, бидејќи повредите присутни во овоштарниците може да доведат до понатамошно ширење на оваа многу деструктивна болест.
На одгледувачите на јаболка им се препорачува, доколку регистрираат присуство на овој патоген и рани настанати од град, да извршат механичко отстранување на веќе заразените делови од растенијата со симптоми, како и на оштетените гранки, со почитување на хигиенските мерки. По отстранувањето на заразените делови од растенијата, се препорачува да се користат препарати базирани на бакар хидроксид во помали концентрации.
Заштита на зеленчукот
Во културите со зеленчук, со цел да се залечат раните предизвикани од механичко оштетување, се препорачува употреба на регистрирани препарати базирани на бакар.
Со цел растенијата подобро да одговорат на стресните услови, особено во насадите со висок степен на штета од град, се препорачува и употреба на препарати базирани на аминокиселини или фолијарни ѓубрива.
Препорачаните мерки за заштита треба да се спроведат во што е можно пократок временски рок.
