Јули 2023 година веројатно ќе биде најтоплиот месец во „последните стотици, ако не и илјадници години“, изјавија врвни научници на НАСА за новинарите, предупредувајќи дека жештините уште повеќе ќе се влошуваат.
„Гледаме невидени промени ширум светот. Топлотните бранови во САД, Европа, Кина уриваат температурни рекорди. Тоа не е изненадување“, рече Гевин Шмит, директор на Годард Институтот за вселенски студии на НАСА.
Јуни 2023 година веќе беше најтоплиот јуни досега, а јули најверојатно ќе биде најтоплиот месец севкупно.
„Од науката знаеме дека човековата активност, првенствено емисиите на стакленички гасови, без сомнение го предизвикуваат затоплувањето што го гледаме на нашата планета“, рече Кејт Калвин, главен научник и виш советник за климата во НАСА.
Научниците на НАСА појаснија дека податоците собрани и анализирани од Институтот Годард веќе укажуваат на тоа.
„Во последните четири децении има зголемување на температурите од деценија на деценија“, рече Шмит.
Американската вселенска агенција последен пат забележала таков пораст на температурите во јули и август 2016 година. Топлотните бранови кои моментално се гледаат се резултат на целокупното затоплување ширум светот, особено во океаните.
„Веќе многу месеци забележуваме рекордни температури на морската површина, дури и надвор од тропските предели. Предвидуваме дека тоа ќе продолжи, а причината зошто мислиме дека ќе продолжи е затоа што продолжуваме да ослободуваме стакленички гасови во атмосферата“, рече Шмит.
Според научникот шансите дека 2023 година ќе биде најтоплата година досега се 50-50“. Други научници на НАСА веруваат дека има 80 проценти шанси 2023 година да биде најтоплата година.
