Државниот инспекторат за животна средина објави извештај за извршен вонреден инспекциски надзор на малите хидрoцентрали на Маркова река, на инвеститорот ИНДИГО ХИДРО Македонија, ДОО Скопје.
„По објава на медиуми и по социјални мрежи за нарушување и деградирање на животната средина и природата како и протокот на водата во речното корито на Маркова Река со изградба на малите хидроелектрични централи, Државниот инспекторат за животна средина ги презеде сите активности за реализација на вонреден инспекциски надзор.

Инспекцискиот надзор е реализиран со координација на главниот инспектор за животна средина. Веднаш по добивање на информации за инвеститорот стапено е во контакт заради обезбедување лице кое ќе присуствува при инспекцискиот надзор. Поради претходни најави за извршување на минирање за пробивање на трасата за изградба на цевководот за малата хидроцентрала бр.143, не беше возможно да се спроведе вонредниот инспекциски надзор побрзо од планираното.

На 16.08.2021 година инспекторите за животната средина по обезбедување на условите за безбедно извршување на инспекцискиот надзор излегоа на терен за целосен увид и контрола на работата на инвеститорот за изградбата на малите централи.

При теренскиот увид со Записник за констатација како прв акт во инспекциска постапка се утврди дека сите три мали хидроцентрали се во фаза на изградба и уште не се во целост довршени, иако се спремни за пуштање во пробна работа и тестирање на хидроцентралите. Поради сушниот период што ја зафати државата и недостиг на доволна количина на вода за задоволување на потребните количини за тестирање истото е одложено, и се очекува во месец септември да се изврши тестирање доколку дозволуваат метеоролошките услови на централата бр. 145, која се наоѓа во близина на с.Малчиште.

При инспекцискиот надзор се утврди дека за ниту една централа не се зафаќа вода од реката туку целата количина на вода се остава да тече слободно преку рибјата патека. Иако малите хидроцентрали не работат, водостојот на реката беше многу низок и по слободна проценка односно визуелна контрола на денот на надзорот се движи 25-30л/сек, а со последните врнежи се зголемил. Пред врнежите водостојот бил уште понизок.

Инвеститорот ја обезбедил целосно документацијата која е потребна да се прибави за изградба на малите хидроцентрали при што склучил Договор за концесија, поседува Дозвола за користење на вода, Решение за одобрување на Елаборат за заштита на животната средина, одобрение за градење издадено од Општина Студеничани.

По секое минирање се врши расчистување на теренот со соодветна механизација, а надворешна фирма се ангажира за расчистување на теренот од гранки, паднати дрва и останата вегетација.
Државен инспекторат за животна средина