Канадскиот технолог Даниел Бадиу од Ukkö Robotic дизајнирал мобилен свињарник. Станува збор за штала која ги штити животните од надворешни влијанија, ги снабдува со вода и храна и постепено се движи низ пасиштето, така што животните постојано имаат нова подлога и трева. Покрај тоа, сопственикот може да ја контролира вентилацијата во неа.
По повеќе од две години тестирање на матична фарма во Манитоба, иноваторот заклучил дека подвижниот свињарник може да се користи и на помали фарми. За време на истражувањето, забележано е дека свињите помалку се напаѓале меѓу себе и не ги гризеле опашките.
Може да прими до 50 свињи
Овие мобилни објекти доаѓаат во различни големини. Тие имаат најголем капацитет за околу 50 свињи, во зависност од саканата густина на стадото. На единиците за да работат и да се движат им се потребни најмалку 2,8 хектари пасишта. Во зависност од големината, храната и водата може да се чуваат околу пет до седум дена. Иноваторите посочуваат дека испораката на храна и вода може да се изврши со теренски возила.

Свињарниците можат да се програмираат да се движат со различна брзина, во зависност од тоа колку животни има, од теренот и од состојбата на пасиштата. Секој ден тие се движат во просторот на околу 2 до 9 метри. Тие се целосно автоматизирани, а самите единици препознаваат кога стигнале до крајот на пасиштето и ќе се свртат автоматски.

Објектите имаат соларно полнење со капацитет на батерија доволна за работа до пет дена без сонце. Тие се дизајнирани да работат дури и за време на сурови зими во северните делови на Канада како што е Манитоба.
Со рамномерното преместување на животните на пасиштата се намалува прекумерното пасење и ѓубрење, велат иноваторите на споменатата компанија. Според нив, тоа придонесува за здравје на почвата и им овозможува на земјоделците да усвојат добри земјоделски практики со помала работна сила. Исто така, им овозможува да експериментираат со различни треви.

Освен подвижните свињарници, конструирале и подвижни кокошарници.

Извор: agroklub.com
