Советот на градоначалници и Центарот за развој на Источниот плански регион ќе помагаат во подготвителните активности за реализација на најавениот владин проект за изградба на скијачки центар на Царев Врв на Осоговските Планини.
На работен состанок на Советот, избран е координатор на активностите и доставено е писмено известување до Владата за преземање на дел од обврските за иницијативата.
-Се работи за многу важен развоен проект, што не е само регионален, туку има меѓурегионално, државно, па и пошироко значење, со оглед што туризмот е една од најбрзо растечките гранки. Свесни сме дека неговата реализација ќе трае повеќе години, најмалку една деценија, но ние сме сериозни во нашата намера и сакаме да излеземе од затвореноста во локални рамки и да помогнеме во развојот на целиот поширок регион. Ќе им дадеме поддршка на експертите од оваа област да изработат технички проекти, со што навистина ќе добиеме еден од петте најдобри планински центри на Балканот – истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.
Според претходно изработената физибилити студија за Царев Врв, на површина од 316 хектари се нудат можности за изградба на поголем број сместувачки капацитети од типот на хотели и хостели со околу девет илјади легла. Исто така, има природни услови да се изградат над триесет скијачки и патеки за бординг со вкупна должина од над 60 километри и со соодветни ски-лифтови и жичници.
Изградбата на ски центарот на Царев Врв е дел од владиниот Интервентен план за инвестиции за периодот до 2027 година, а вредноста на целата инвестицијата се проценува на околу 100 милиони евра.
Извор: МИА
