Игор Ангелов од село Робово, Општина Босилово и неговата фамилија се позитивен пример на наши земјоделски производители на градинарски култури. Обработуваат 200 пластеници со пролетна зелка и црвена пиперка и годишно произведуваат преку 250 тони од двете реколти.
Разговорот со Игор е задоволство затоа што одма се препознава сериозен млад човек кој сака да работи и има резултати. Со скромност типична за вредните луѓе, зборува за земјоделското производство за тоа дека има работа, потребна е посветеност и вложување во сите агротехнички мерки за квалитетен род. Постои само незадоволство поради стихијноста во пласманот оти знае дека може да биде многу подобро, ако добро се организира целокупниот процес од садење до берба.
-Имаме 200 пластеници кои ги работиме заедно со сопругата, брат ми и моите родители. Еве скоро завршивме со бербата на пиперката. Годината не беше како ланската, родот беше со послаб квалитет, а и цената многу варираше. Започна добро, но имаше прекин, падна цената, па потоа повторно се покачи…сезоната не беше најдобра. Како и да е, ги подготвуваме сега пластениците за садење на пролетната зелка на 15 декември, па да се надеваме на добра сезона со зелката, како минатата година – вели Игор за Агротим.
Производството им е механизирано, а речиси целата механизација ја имаат набавено од НАЈК ПРОМ.
-Се’ имаме набавено од НАЈК ПРОМ – три тактори, три приколици и цела механизација што ни потребна за работа. Во денешно време ако немаш добра механизација нема ни профитабилно производство. Веќе 10 години соработуваме со НАЈК ПРОМ, многу сум задоволен од услугата, на се’ добивам и попуст и работат со добри брендови на механизација многу поволни за наши услови. Исто така за се’ имаат резервни делови и брза услуга – вели Игор.
Разговоравме со Игор за можноста која ја нуди Договорно производство . Тоа е најдоброто решение за земјоделците, да нема стресови, како што вели тој, кога треба да се носи родот на откуп. Ние имаме добра соработка со фирмата „Z- Plast“ од село Муртино каде со години ги носиме производите на откуп – вели Игор.
-Што ќе пишува на кантарната белешка треба да се знае уште пред да се сади или сее. Да нема големи осцилации, на пример ќе почне откупот со 40 денари, а ќе заврши со 10 денари. Да има една цена, нека биде средна вредност но постојана во текот на целиот откуп. Така ќе знаеме и да си го планираме производството, колку ќе вложиме и колку заработката да очекуваме. Ниту еден земјоделец не се жали од работа, само од неизвесноста – вели Игор.
Вредни земјоделци, модерна механизација и Договорно производство е формулата за успех.