Усеин Ибраимов од валандовското село Калково, обработува 17 хектари со јапонски јаболка и 5 ха насад со калинка. Задоволен е од земјоделското производство и вели дека може добро да се заработи, но ако се инвестира во производството и ако се прилагодува на климатските промени.

– Во 2024 година од 170 декари со јапонски јаболка, набравме 550 тона род. Во 2025 година од истата површина, поради сланата која беше на 21 март, родот тежеше само 150 тона. Тогаш одлучивме да поставиме ветерна турбина. Инвестицијата е на мојот ортак од Турција. Овој систем тој го знаеше од искуство од негов пријател во Бурса кој пет години успешно ги заштитува овошките од ниски температури додека другите во тој регион трпеле штети – изјави за Агротим, Ибраимов.

За ветерните турбини вели дека набавката и поставувањето, за една чинат 60.000 евра. За две вакви машини биле платени околу 120 илјади евра, или, отприлика толку, колку што, претходно, за една година се губеле, поради намалениот род како последица на ниски пролетни температури.

– Инвестицијата е исплатлива. Се купува еднаш и се користи со години. Машината е автоматска, со сензор и самата се вклучува при ниски температури и произведува топол воздух, со што се заштитуваат дрвцата од ниски температури и од мрзнење. Купени се две машини за површина од околу 170 декари. Една машина е за околу шеесет декари, остана дел од насад само необезбеден, ама има косина и физички не е можно да се постави уште една машина – појасни тој.

Што се однесува до пласманот на Јапонски јаболка вели дека е обезбеден, главно ги извезуваат во Турција.
